Свет
Само една третина од болниците во Германија имаат климатизирани болнички соби
Климатизацијата во болничките соби за пациентите сè уште не е вообичаена практика во германските болници, соопшти денеска водечкото германско лекарско здружение, пренесува ДПА.
– Повеќето единици за интензивна нега во Германија сега се климатизирани, но тука практично завршува приказната. Само една третина од болниците имаат климатизирани соби за пациентите – изјави претседателката на Марбуршкото здружение Сузане Јона за јавниот сервис ЗДФ.
Марбуршкото здружение е единствениот синдикат на лекари во Германија и најголемата организација што ги претставува лекарите вработени во јавниот сектор и во државната служба, како и студентите по медицина.
Јасни стандарди за климатизација постојат само за операционите сали и за радиолошките одделенија, бидејќи медицинската опрема не може да ги издржи високите температури.
Според Јона, проблемот делумно се ублажува со импровизирани решенија.
– Често ги замолуваме роднините да донесат ледени облоги од дома, кои обезбедуваат привремено олеснување – рече таа.
Јона ги повика политичарите, архитектите и болничките синџири при проектирањето на објектите повеќе да ги земаат предвид сè почестите топлотни бранови предизвикани од климатските промени.
– Потребни ни се системи за климатизација во затворен простор, а таму каде што престојуваат пациенти, најмалку надворешни заштити од сонце на прозорците – рече таа.
Според неа, и кај новите болнички објекти понекогаш се добива впечаток дека изгледот има предност пред практичноста и пред здравиот разум.
Топлината претставува голем товар и ризик за пациентите бидејќи, меѓу другото, раните потешко зараснуваат при високи температури.
– Мора реално да признаеме дека за време на вакви топлотни бранови луѓето почесто умираат. Статистиката тоа јасно го покажува, а тоа важи и за болниците – нагласи Јона.
јуни 27, 2026

