Свет
Зеленски не присуствува на Конференцијата за обнова на Украина во Гдањск
На годишната Конференција за обнова на Украина, што денеска се одржува во полскиот град Гдањск, нема да присуствува украинскиот претседател Володимир Зеленски поради тензиите помеѓу Киев и Варшава.
Киев пред два дена соопшти дека украинската делегација ќе биде предводена од премиерката Јулија Свириденко, а не од Зеленски, поради несогласувањата помеѓу Киев и Варшава за Втората светска војна.
Приоритет, на конференцијата во Гдањск, што е петта од таков вид, е обновата на украински енергетски сектор, критичната инфраструктура и на логистиката. Ќе се дебатира и за безбедносните способности на Украина. Според пресметките на Украина, Светска Банка, Европска Унија и Обединети нации, објавени во февруари, повоената обнова на Украина би чинела околу 500 милијарди евра.
На Конференцијата ќе учествува претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен и неколку членови на ЕК, а обраќање ќе имаат првите луѓе на Полска, Бугарија, Естонија, Финска, Летонија, Литванија, Романија и Шведска.
Претходно, Конференција за обнова на Украина беа одржани во Лугано, Лондон, Берлин и Рим. Првпат од 2022 година Зеленски нема да присуствува на конференцијата.
Односите меѓу Варшава и Киев се заладија кон крајот на мај кога Зеленски одлучи да именува воена единица по Украинската бунтовничка армија (УПА), националистичка организација формирана во 1942 година, која во Полска се смета за одговорна за смртта на повеќе од 100.000 Полјаци.
јуни 26, 2026


