Connect with us

Култура

„Госпоѓа Бовари“ премиерно на сцената на битолскиот Народен театар

Ансамблот на НУ Народен театар Битола ги заврши подготовките за премиерна изведба на претставата „Госпоѓа Бовари“ од Гистав Флобер, во режија на Дејан Пројковски.

Според режисерот Пројковски „Госпоѓа Бовари“ со себе носи вечни теми и прашања и е еден вид женски Хамлет.

– Во претставата, женската индивидуа се спротивставува на системот, односно на општествените и моралните вредности, на рамките кои ги созадаваме и кои се дел од сите нејзини проблеми, обидувајќи се системот да ја вовлече да биде дел од тие лажни вредности. Самата претстава зборува за слободата на личниот избор. Ние се обидовме да направиме претстава која на современ и модерен начин би требало да комуницира со публиката и да ги задава прашањата за личната слобода и личниот избор, без притоа да се претвориме во училиште по морал или во позиција дека знаеме нешто повеќе, истакна режисерот Пројковски на прес конференција во битолскиот Народен театар.

Во „Госпоѓа Бовари“ главната улога ја толкува актерката Маја Андоновска Илијевски, а заедно со неа ќе настапат и Иван Јерчиќ, Огнен Дранговски, Никола Стефанов, Мартин Мирчевски, Сандра Грибовска Илиевска, Борче Ѓаковски, Ива Лазаревска и по подолго време, бардот на македонското глумиште, актерот Петар Мирчевски.

-Во првото полугодие од оваа година на сцената во Битола беа поставени пет премиерни претстави. Следната премиерна претстава „Кориолан“ е закажана за следниот месец, на 15 јули ќе биде изведена на Охридско лето, а на 21 јули ќе има светска премиера во Верона на „Верона Шекспир фестивал“ во Италија. НУ Народен театар Битола од неодамна е основач и член на новата балканска асоцијација на театари и фестивали со што ќе се отворат нови соработки во иднина, изјави Васко Мавровски, директор на НУ Народен театар-Битола.

Ad
Ad