Connect with us

Култура

Во Битола промовиран проектот „Манифестација: водата спие, душманот не спие“

Македонско студентско етнолошко друштво, чии коавторки се антропологот Душица Брачиќ и холандско-македонската уметница Дафина Несторовски, во Битола го промовира проектот„Манифестација: водата спие, душманот не спие“ во кој учествуваа студенти по етнологија и антропологија, кои интердисциплинарно пристапија кон водата како природно, културно и општествено наследство.

Проектот содржи изложба, работилници, интерпретативна прошетка и проекција на етнографски филмови, а тимот го истражуваше и водниот пејзаж на Битола и неговото значење во обликувањето на градот. 

Главната програмска оска беше изложбата курирана од коавторките на проектот Дафина Несторовски и Душица Брачиќ, поставена во културниот центар Магаза. Изложбата понуди историско-антрополошки осврт на водата и водното наследство на Битола, користејќи фотографии од фондот на браќата Манаки, во соработка со Државниот архив на Република Македонија – Одделение Битола, како и фотографии од архивата на Албер Кан. Истражувачкиот дел беше надополнет со уметничка инсталација која ја постави реката Драгор во поширок општествен и културен контекст, преку користење и на експонати од НУ Завод и музеј – Битола.

Во текот на програмата се одржаа работилница за правење сапун, работилница за природно филтрирање вода, работилница за чај, интерпретативна прошетка низ Битола, како и проекција на етнографски филмови. Дел од работилниците се одржаа во Кафе Тигре, чија локација покрај Драгор создаде дополнителна врска меѓу просторот, темата и учесниците.

Филмската програма беше фокусирана на водата и нејзините културни, општествени и симболички значења, и беа емитувани филмовите „По долината на реката Радика“, архивски примерок отстапен од архивата на Институтот за етнологија и антропологија, „Хембој“ на Елизабета Конеска и „Под пештерната црква“ во режија на Леонид Велковски.

Годинашното издание беше инспирирано од македонската поговорка „Водата спие, душманот не спие“, која послужи како појдовна точка за размислување за водата како ресурс, сеќавање, опасност, наследство и секојдневие. Идејата на тимот е „Манифестација“ да продолжи и во следните години, обработувајќи ги останатите природни елементи и поставувајќи ги во амбивалентен контекст – како природно, но и како културно наследство на Битола и битолскиот регион.

Изложбата ќе биде отворена до 15 јули и е поместена во културниот центар Магаза во Битола

Ad
Ad