Култура
Прва проба на претставата ,,Алиса се враќа дома“ во Драмскиот театар
Во Драмскиот театар Скопје денеска почна проба на дипломската претстава „Алиса се враќа дома“ на Моника Ставревска, студентка на режија на Факултетот за драмски уметности, која се работи по текст на авторката Ивана Смилевска.
Претставата е шеста продукција на Драмски што се реализира во согласност со Годишната програма за работа на театарот. Премиерата се планира за првата половина на октомври.
-Моника Ставревска на денешната прва проба го сподели задоволството што Драмски театар ја продолжува традицијата да ги поддржува младите автори и што таа ја има можноста да ја постави нејзината дипломска претстава „Алиса се враќа дома“ токму во годината кога Драмски театар ја одбележува 80- годишнина од работата на театарот. Во експликацијата за претставата режисерката Ставревска прашува: „Како ја замислувате Земјата на чудата?… Иако ова прашање неизбежно нè потсетува на безвременскиот роман „Алиса во земјата на чудата“ на Луис Керол, одговорот е различен за секој од нас. Токму ова прашање е во фокусот на текстот на авторката Ивана Смилевска по кој ќе се работи претставата, наведува ДТС.
Драмски посочува дека инспирирана од генијалноста и безвременското дело на Луис Карол, претставата ја деконструира препознатливата митологија на култниот роман, ја преобликува во современа, постмодерна бајка со сосема нов авторски контекст и отвора простор за преиспитување на моќта, поредокот и индивидуалната одговорност, создавајќи современа сценска приказна што зборува за светот во кој живееме денес.
Улогата на Алиса ќе ја игра Соња Стамболџиоска, а во актерската екипа се и: Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Александар Степанулески, Златко Митрески, Ања Митиќ, Лазар Христов, Филип Трајковиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ангела Пејкоска, Нина Елзесер, Ирена Димеска, Томислав Давидовски и Марјан Наумов. Сценограф е Ненад Тонкин, костимограф – Роза Трајческа, музиката е на Лука Тошев, продуцент на претставата е Леа Манева.
јуни 19, 2026

