Свет
Истражување на ЕК: Младите во ЕУ гледаат многу попозитивно на социјалните мрежи отколку нивните родители
Според истражување нарачано од Европската комисија, младите од ЕУ многу попозитивно гледаат на влијанието на социјалните мрежи врз нивното ментално здравје отколку нивните родители.Речиси половина од испитаниците на возраст од 13 до 18 години изјавиле дека социјалните мрежи имаат позитивно влијание врз нивната ментална благосостојба, во споредба со само 21 отсто од анкетираните родители.
Додека 18 проценти од тинејџерите изјавиле дека социјалните мрежи негативно влијаат на нивната психичка состојба, истиот став го имаат двојно повеќе родители ( 36 проценти).Околу една третина од адолесцентите рекле дека платформите како ТикТок, Инстаграм и Снепчет немаат ниту позитивно ниту негативно влијание врз нивното ментално здравје, спроти околу 42 проценти од родителите.
Анкетата, исто така, покажа дека тинејџерите поминуваат повеќе време пред екран отколку што проценуваат нивните родители. Тие признале дека во просек поминуваат 4,5 часа дневно пред екран во текот на работната недела и 6,1 час за време на викендите, користејќи телефони, таблети или гледајќи телевизија. Тоа е приближно еден час повеќе од времето што, според процените на родителите, нивните деца го поминуваат пред екран.
Истражувачите утврдиле поврзаност меѓу подолгото време поминато пред екран и пријавените проблеми како главоболки, нарушувања на сонот и потешкотии со концентрацијата.Сепак, во извештајот од експертите се наведува дека овие резултати не треба да се сметаат како доказ дека користењето екрани директно предизвикува проблеми со менталното здравје.
„Младите кои веќе се соочуваат со одредени психолошки или емоционални тешкотии веројатно поминуваат повеќе време на социјалните мрежи или играјќи видеоигри“, посочуваат експертите.
јуни 17, 2026

