Забава
Британскиот принц Џорџ ќе учи во престижниот колеџ Итон
Принцот Џорџ ќе го посетува Колеџот на Итон од есенва, следејќи ги стапките на својот татко, принцот од Велс, Вилијам. Имено, 12-годишното момче, кое се појави со своето семејство на кралската свеченост за време на викендов, ќе биде ученик во училиштето каде што оделе и престолонаследникот Вилијам и неговиот брат, војводата од Сасекс, принцот Хари, соопшти Кенсингтонската палата.
Младиот принц досега учеше во училиштето Ламбрук – приватното подготвително училиште во Беркшир, каде што и живее. Неговите браќа и сестри, принцезата Шарлот (11), и принцот Луис (8), исто така, се ученици таму. Вилијам и неговата сопруга Кејт наводно биле забележани како го обиколуваат Итон со нивниот најстар син во 2023 година, што уште тогаш ги поттикна гласините дека училиштето е високо на нивната листа на места каде што ќе го испратат Џорџ.
Колеџот на Итон е едно од најпознатите и најпрестижни училишта во светот. Има углед на всадување самодоверба и лидерство, бидејќи студентите мора сами да исполнат многу неакадемски задачи. Годишните давачки достигнуваат 63.298 фунти (над 73.000 евра).
Не е познато дали Џорџ ќе се смести во Итон, имајќи предвид дека колеџот е на само неколку километри од домот на неговото семејство т.е. нивниот замок во Виндзор.
На печатот во 90-тите му беше дозволено да го снима првиот ден на Вилијам во Итон со неговите родители Чарлс и Дијана – тогашните принц и принцеза од Велс, како и принцот Хари.
Пет години подоцна, на 18-годишна возраст, принцот Вилијам беше интервјуиран за времето минато во тоа училиште. – Навистина уживав што можев да одам низ Итон како уште еден ученик, изјави тој тогаш.
Меѓу попознатите поранешни ученици се глумците Том Хидлстон, Хју Лори и Еди Редмејн, голем број премиери, вклучувајќи го тука и Дејвид Камерон, писателите Џорџ Орвел и Ијан Флеминг, како и авантуристот Бер Грилс. Кралот Чарлс Трети, инаку, одел во Гордонстаун – училиште во Шкотските Висорамнини коешто го посетувал и неговиот татко, покојниот војвода од Единбург. Според биографот Џонатан Димблби, времето што денешниот британски монарх го минал таму било „затворска казна“ – но, му всадило самодисциплина и чувство на одговорност.
јуни 17, 2026


