Скопје
Урбана уметничка акција „Удри на спорт, не удирај по врсниците“ посветена на намалување на врсничкото насилство
Во рамки на акцијата „Удри на спорт, не удирај по врсниците“, посветена на намалување на врсничкото насилство на Центарот за современи уметности поставени се десетина боксерски вреќи на фреквентни локации и спортски маалски игралишта низ Скопје, на места каде младите најчесто го поминуваат своето слободно време.
На вреќите, како што информираат, испишани се пораки како: „Удри во вреќата, не во човекот“, „Остави го ударот овде“ и „За удирање – вреќа. за луѓе – почит“, со кои се поттикнува размислување за последиците од насилството и да се охрабруваат младите својата енергија да ја насочат кон спорт, креативност и други позитивни активности.
Уметничката акција има за цел наместо насилство, навреди и физички пресметки, да ги поттикне младите својата енергија да ја насочат кон спорт, креативност и други позитивни активности кои придонесуваат за личен развој и градење здрави односи.
-Свесни сме дека десетина боксерски вреќи не можат да го решат проблемот со врсничкото насилство, но веруваме дека можат да го свртат вниманието кон него за да не го заборавиме дека постои и дека е околу нас и да поттикнат поширока општествена дебата. Со оваа акција сакаме да ги охрабриме младите, родителите, образовните институции, локалните власти и државните институции посериозно да се посветат на овој проблем и заеднички да создаваат повеќе можности за спорт, култура, креативност и квалитетно поминување на слободното време како алтернатива на насилството кај младите – стои во соопштението од Центарот за современи уметности.
Спортот, културата и креативноста не се само хоби – тие се алатки преку кои младите можат да изградат самодоверба, почит и здрави модели на однесување.
јуни 13, 2026


