Connect with us

Култура

Македонскиот народен театар со две претстави на МФКТ „Ристо Шишков“

На 33. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, кој почна синоќа, вечер ќе бидат одиграни две претстави од репертоарот на Македонскиот народен театар „Народен пратеник“ од 20 часот и „Бели ноќи“ од 22 часот, соопштија од МНТ.

Првата претстава, „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, е во режија на Егон Савин. Режисерот не се потпира на драстична модернизација на текстот, туку суптилно ја истакнува безвременската траги(коми)чна вистина за политичката гнилост, како што ја претставил Нушиќ. Претставата е добитник на Специјалната Стериина награда за колективна актерска игра, а колективната енергија доаѓа до израз преку изведбите на Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.

Втората претстава, „Бели ноќи“, е камерна сценска адаптација според истоимениот роман на Фјодор Михајлович Достоевски, во адаптација и режија на Звездана Ангеловска. Копродукциски проект во кој настапуваат Ана Јовановска и Дамјан Цветановски. Приказната за Сонувачот и Настењка отвора прашања за соништата, љубовта и слободата – и за тоа дали луѓето имаат храброст да ги следат сопствените копнежи или се откажуваат во име на општествените норми.

-Со овие две изведби, Македонскиот народен театар го потврдува своето значајно присуство на фестивалот „Ристо Шишков“, кој традиционално претставува еден од најважните културни настани за камерниот театар во регионот, се додава во соопштението на МНТ.

Покрај овие две претстави вечер на програмата е и и монодрамата „Фетишист“ спофед Мишел Турние во изведба на Здравко Стојмиров.