Connect with us

Култура

Перформанс инспириран од акустичниот концерт на „Нирвана“ во Драмскиот театар

Британската уметница Ема Франкланд вечерва во Драмскиот театар во Скопје ќе го изведе перформансот „Без извинувања!“, инспириран од акустичниот концерт на групата Нирвана од 1993 година. 

Како што стои во соопштението на организацијата Хартефакт, делото кое што е создадено и изведено од Франкланд, претставува спој на жива музика, театарска претстава и автобиографско раскажување. Тргнувајќи од спекулативната премиса како би изгледало доколку фронтменот на Нирвана, Курт Кобејн, бил транс-жена, претставата ги преиспитува културните митови, колективните сеќавања и прашањата за видливоста и припадноста. 

– За генерациите што растеа во деведесеттите, музиката на Нирвана претставуваше повеќе од саундтрак, таа беше простор за препознавање, отпор и обликување на сопствениот идентитет. Но што ако една од најголемите икони на таа генерација ја замислиме поинаку? Што ако Курт Кобејн бил транс жена? „Без извинувања!“ тргнува од оваа спекулативна премиса, преиспитувајќи ги културните митови и колективните сеќавања што нè обликуваат, како и искуствата и перспективите што честопати остануваат надвор од доминантните наративи – стои во соопштението.

Настанот во Скопје е дел од балканската турнеја на Франкланд, која следува по претставувањето на Фестивалот во Единбург минатата година. 

Како дел од балканската турнеја, на сцената заедно со Франкланд ќе настапи и бенд составен од музичари од регионот. Гостувањето е во продукција на „Marlborough Productions“, со поддршка од програмата „Art in Action“ на Британскиот совет, чија цел е зајакнување на креативната и културната соработка помеѓу Западен Балкан и Обединетото Кралство.

Настанот е во организација на Хартефакт, а во соработка со „Skopje Pride Weekend“ и Коалиција Маргини.

Влезот за посетителите е бесплатен, со задолжителна претходна електронска регистрација на officenm@heartefact.org

Ad
Ad