Connect with us

Скопје

Град Скопје: Набавени 3.300 нови контејнери, една од најголемите набавки од ваков тип во изминатите години

Град Скопје информира дека е потпишан договор за набавка на 3.300 нови контејнери, со што започнува една од најголемите набавки од ваков тип во изминатите години, насочена кон унапредување на системот за собирање и управување со отпад во Скопје.

Набавката, како што информираат од Град Скопје, има за цел да придонесе кон почисти населби, намалување на отпадот околу контејнерите, поефикасно и навремено празнење, како и подобрување на условите за работа на екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.

За споредба, во изминатите 12 години биле набавени околу 1.300 контејнери, бројка која не ги задоволува потребите на главниот град. Недостатокот на соодветна опрема резултираше со преполни и оштетени контејнери, наталожен отпад околу нив и нарушување на комуналната слика во повеќе населби. Со актуелната набавка, значително се зголемува бројот на расположливи контејнери и се создаваат услови за поефикасно функционирање на системот за собирање отпад – се вели во соопштението од Град Скопје.

Новите контејнери се набавуваат по цена од 9.600 денари по парче, додека претходно набавуваните контејнери биле по цена од над 18.000 денари по парче. Ова, како што посочуваат од Град Скопје, претставува значително поекономично искористување на средствата, особено имајќи ги предвид глобалните ценовни движења и зголемените трошоци за набавка на материјали и опрема.

Набавката на 3.300 нови контејнери е дел од пошироките активности за модернизација и подобрување на работата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, по набавката и на нови возила за претпријатието. Чекор по чекор се создава пофункционален и поефикасен систем за управување со отпадот, со цел Скопје да биде почист, поуреден и достоинствен град за сите граѓани – стои во соопштението од Град Скопје.