Connect with us

Култура

Михајловски: Битолското културно лето „БитФест“ е во полн ек и со посебен квалитет

Битолското културно лето „БитФест“ е во полн ек, со максимална посетеност на културните настани кои годинава се со посебен квалитет, истакна Димитар Михајловски, директор на Културно информативен центар (КИЦ), организатор на „БитФест“.

Според Михајловски, првата половина од „БитФест“ изобилува со содржини за сите генерации, а така ќе биде и во наредниот период до крајот на идниот месец.

– Публиката сеуште е под импресии на спектакуларниот почеток на „БитФест“ кој што беше отворен со мјузиклот „Као какао“, впечатлива љубовна приказна инспирирана од безвременската музика на Влатко Стефановски, напишана од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, а пред бројна публика се следеа третото издание на „Kids Music Festival”, претставата „Медеја Мк“, концертите на барокна музика со Владимир Костов и Цветанка Созовска и на групата „Code 369“, како и младинскиот арт фестивал „Битола отворен град“  и концертот на класична музика „Музичка бајка“, потсети Михајловски.

КИЦ Битола годинава за прв пат самостојно го организира битолското културно лето, но со голема поддршка на локалната самоуправа како основач на таа општинска установа.

– Довербата од Општина Битола во целост ја исполнуваме. Нашиот искусен тим неперечно ги организираше премиерата на театарската претстава „Госпоѓа Бовари“, поетскиот фестивал „Поетски синтези“, театарска претстава „Госпоѓа Јулија“, мјузиклот за деца и возрасни „Црвенкапа“, а пред полна сала во кино Манаки беше гледан музичко-документарниот филм „55 години кариера – Софија Кочовска“. Може да се набројуваат и други проекти реализирани во овој период кои благодарение на одличната организација нам ни даваат поттик за следните кои се во нашата програма, посочи Михајловски.

Во рамки на „БитФест“ се два значајни фестивали, „Илинденски денови“ и „Локумфест – музика и традиција“, а на 14 и 15 август ќе се одржи голем Чалгиски фестивал во Старата битолска чаршија и неколку локации по Широк Сокак со неколку групи и голем Чалгиски оркестар кои во Битола ќе изведуваат чалгии, информираа од КИЦ Битола.

Ad
Ad