Connect with us

Култура

Сјаојaн: Духот на „Илинден“ – симбол на слободата, единството и непокорниот дух на македонскиот народ

Духот на „Илинден“ – симбол на слободата, единството и непокорниот дух на македонскиот народ, длабоко кореспондира со кинеската почит кон културното наследство и зачувувањето на националниот идентитет. Затоа, вечерашниот концерт е многу повеќе од културен настан, тој е прослава на пријателството меѓу народите на НР Кина и Македонија, истакна вечерва амбасадорката Џианг Сјаојaн, на отворањето на интернационалниот фестивал „Илинденски денови“ во Битола.

Таа изрази благодарност до Симфонискиот оркестар од Нингбо што допатува од НР Кина за да биде дел од овој значаен фестивал.

Музиката, рече амбасадорката, е еден од најуниверзалните јазици на човештвото. 

-Музиката ги надминува границите, културите и јазиците и им овозможува на луѓето од различни делови на светот меѓусебно да се сфатат преку мелодија, ритам и емоции. Духот на „Илинден“, симбол на слободата, единството и непокорниот дух на македонскиот народ, длабоко кореспондира со кинеската почит кон културното наследство и зачувувањето на националниот идентитет. Затоа, вечерашниот концерт е многу повеќе од културен настан, тој е прослава на пријателството меѓу народите на НР Кина и Македонија. Сакам да истакнам дека Битола денес сè повеќе се афирмира како значаен мост на културната размена меѓу нашите две земји. Вечерва повторно е домаќин на кинески изведувачи, овој пат на Симфонискиот оркестар од Нингбо, збратимениот град на Битола, чие пријателство со овој прекрасен град успешно се развива повеќе од една деценија, нагласи амбасадорката Сјаојен.

Пред аудиториумот во Битола, амбасадорката Сјаојaн потсети дека иако ги делат илјадници километри, Битола и Нингбо имаат многу заеднички вредности. Двата градови се гордеат со својата богата историја, динамичен културен живот и отвореност кон светот. 

-Битола со векови претставува раскрсница на цивилизациите на Балканот, а Нингбо, еден од најстарите кинески пристанишни градови, уште од древни времиња ги поврзува народите и културите преку поморската трговија. НР Кина има воспоставено повеќе од 3.000 партнерства меѓу збратимени градови ширум светот, а секое од нив раскажува своја приказна за дијалог, соработка и взаемно почитување. Искрено се надевам дека Битола и Нингбо ќе продолжат да го продлабочуваат своето пријателство преку уште поголема соработка во културата, образованието, туризмот, размената на млади и бизнис, доближувајќи ги уште повеќе нашите два народи, нагласи амбасадорката Сјаојaн.

За втемелувањето на културната и други соработки меѓу двата града говореше и Сашо Илковски, директор на НУ Центар за култура-Битола, организатор и домаќин на интернационалниот фестивал „Илинденски денови“.

-За мене овој концерт има и дополнителна симболика. Пред дванаесет години имав чест, како претставник на Општина Битола, лично јас да го потпишам договорот за збратимување меѓу Битола и Нингбо. Со особена чест и задоволство го започнуваме 56. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, кој од 14 до 31 јули повторно ќе ја претвори Битола во центар на светскиот фолклор, традицијата и културниот дијалог. Повеќе од половина век, „Илинденски денови“ не е само фестивал. Тој е место каде што се среќаваат луѓе, култури, јазици, музика, игра и традиции. Простор каде што нематеријалното културно наследство не се чува само во музеите и книгите, туку живее преку песната, играта, музиката и непосредната средба меѓу луѓето, нагласи Илковски.

Во текот на осумнаесетте фестивалски денови, ќе се реализираат повеќе од 77 настани, со учество на над 1.300 учесници од Македонија и светот за кои НУ Центар за кутура-Битола доби поддршка од Министерството за култура и туризам, Општина Битола, КИЦ Битола и други институции и организации.

Ad
Ad