Connect with us

Култура

Македонскиот фолклорен фестивал „ПРЕСПА“ ќе се одржи во Туминец на 29 јули, покровител премиерот Мицкоски

Во селото Туминец, Општина Пустец на 29 јули ќе се одржи фолклорниот фестивал „ПРЕСПА”, што се совпаѓа со одбележувањата на патронот на познатиот манастир „Света Марена”. 
 
Покровител на овој значаен настан е премиерот Христијан Мицкоски а се одржува во организација на Македонското друштво “Преспа”, Здружението „ВМРО ДПМНЕ АЛБАНИЈА” и Општина Пустец. 
 
-Македонскиот фолклорен фестивал „ПРЕСПА“ повторно ги обединува Македонците преку песната, орото и вековната традиција. Македонската песна ќе одекне, ќе се вие македонско оро а нашата традиција ќе нè обедини како едно, рече за МИА, Едмонд Темелко, претседател на МД „Преспа”.

Додаде дека почетокот е во 18 часот а фестивалот се одржува под мотото „Македонија обединува” и  порачува дека  „фолклорот ги чува корените, традицијата ја гради иднината.“ 
 
-Ќе настапат фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва од Република Македонија или Вардарска Македонија, Егејска и Пиринска Македонија и Мала Преспа. Добредојдени се сите, за да  заедно да ја исполниме Мала Преспа со македонска песна, оро, знамиња и гордост. Да покажеме дека македонскиот дух живее, а нашата традиција продолжува да ги обединува генерациите – порачува Темелко. 
 
Селото Туминец е едно од деветте населени места на Општина Пустец. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро, во близина на граничниот премин Стење – Горица и е второ село по големина, со околу 600 жители.   


Манастирот „Света Марена“ по која е препознатливо селото датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското Езеро, покрај местото наречено Писан Камен, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност. Во него се наоѓаат поголем дел од моштите на Светицата каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти.

Патронот на манастирот е на 30 јули а традиционално одбележувањето почнува ден порано со присуство на голем број верници од оваа општина, иселеници од областа кои во летниот период доаѓаат во родното место, Округот Корча, но и од соседните земји.

Ad
Ad