Култура
Заврши 21. Интернационален фолклорен фестивал „Велес 2026“
Со испраќање на гостите учесници кои беа сместени во Ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ денеска заврши 21. Интернационален фолклорен фестивал „Велес 2026“. На последната фестивалска вечер синоќа пред бројната публика која силно им ракоплескаше на сцената во Младинскиот парк во Велес настапија МКУД „Гоце Делчев’ од Австралија, ФК „Аколмизтли Мацехуани“ од Мексико, ГФ „Мишел Грион“ од Италија, ФА „Лублин“ од Полска и ФА „Вила Зора“ од Велес.
На фестивалот кој траеше од 1 до 4 јули годинава настапија десет странски ансамбли од осум земји – Полска, Мексико, Србија, Австралија, Бугарија, Италија, а за првпат и од Костарика и Албанија, како и ансамбли од Велес и Македонија.
Фестивалот ќе биде запаметен по многу солзи радосници од настап на фолклористите Maкедонци од Австралија и другите земји и безброј нови пријателства и другарувања меѓу македонските фолклористите од светот.
Посебен беше впечатокот од еден од четирите настапи на мексиканските фолклористи кои со игра ја вклучија и публиката и заедно танцуваа.
Томе Јаневски претседател на организациониот одбор за МИА, потенцира дека годинешното издание е уште една алка во мостот на пријателствто меѓу народите, а фестивалот е и останува бренд на градот. Сите заедно организаторите, домаќините и учесниците синоќа имаа заедничка забава во „Еко кампот“ на велешко езеро „Младост“, а каде долго во ноќта играа танци и македонски ора, се радуваа и другаруваа.
Годинава фестивалот со еден милион денари го поддржа Општина Велес и со 456 илјади Министерството за култура и туризам. Меѓу медиумските покровители беше и МИА, а организаторот на свеченоста упати благодарност за долгогодишната поддршка од медиумите меѓу кои и до МИА.
јули 6, 2026

