Култура
Нова книга на Свето Стаменов посветена на 10-годишнината од смртта на проф. д-р Димитар Мирчев
Деновиве од печат излезе книгата „Quo vadis, Професоре?“ – разговори во политичкиот етер со професор емеритус Димитар Мирчев, на Свето Стаменов, политиколог, поранешен новинар на Македонското радио – Радио Скопје и несомнено еден од најплодните македонски публицисти, информираат издавачите.
Книгата е посветена на десетгодишнината од смртта на проф. д-р Димитар Мирчев (1942–2016), универзитетски професор, научник и автор на повеќе од 180 научни трудови, несомнено еден од најистакнатите не само македонски, туку и европски политиколози, дипломат и општественик, човек кој се вгради во темелите на самостојна и независна Македонија, пишува во денешното соопштение од тимот на Стаменов.
– Книгата „Quo vadis, Професоре?“, распослана на 515 страници Б5 формат, содржински е поделена на четири дела. Првиот дел – „Quo vadis, Македонијо?“, всушност е своевидно реиздание на книгата што под ист наслов заеднички ја објавија Свето Стаменов и проф. д-р Димитар Мирчев во 2013 година и содржи 15 интервјуа што беа реализирани на брановите на Македонското радио – Радио Скопје во периодот од 2003 година до 2012 година. Вториот дел – „Quo vadis, Професоре?”, како што впрочем е насловена и самата книга, содржи 17 интервјуа реализирани во периодот од почетокот на 2013 до средината на јули 2016 година. Третиот дел, пак, насловен „За ’Балканскиот мегаетникум’ на Професорот“ ги содржи интервјуата со проф. д-р Бранислав Саркањац и проф. д-р Златко Крамариќ, поранешен амбасадор на Република Хрватска во Скопје, посветени на „Балканскиот мегаетникум – националните доктрини на македонските соседи“ на професорот Мирчев, книга која предизвика огромно внимание во македонската научна и културна јавност во 2013 година. Четвртиот дел на книгата, насловен „Професорот како рецензент на моите дела“, содржи седум рецензии на проф. д-р Димитар Мирчев за книгите на Свето Стаменов објавени во периодот од 2010 до 2016 година. Станува збор за: „Дијалогот меѓу културите – темел на обединета Европа“ (2010); „Македонското радио како јавен радиодифузен сервис и неговото место во македонското општество“ (2010); „Дијалогот меѓу религиите и цивилизациите – темел на човештвото“ (2011); „Радиото како судбина“ (2011); „Религијата и културата – нераскинлива врска меѓу народите“ (2011); „Силата на Охридскиот дух“ – I книга (2013) и „Силата на Охридскиот дух“ – II книга (2013) – се додава во соопштението.
Се додава и дека „Quo vadis, Професоре?“ авторот ја посветува во знак на огромна благодарност и вечен спомен на неговата животна сопатничка и непресушна инспирација Искра Чоловиќ (1960-2023), доајен на македонското спикерство, новинар и истакнат македонски публицист, автор и коавтор на 14 книги и идеен творец на „Quo vadis, Македонијо?“, како и на „Quo vadis, Професоре?“, чие појавување на светлината на денот, какошто се вели во соопштението, за жал, не го дочека.
– Книгата, чија корица е дело на младата графичка дизајнерка Бојана Симевска, е збогатена и со пригодни текстови – рецензии на проф. д-р Цане Т. Мојаноски („Сведоштво за македонската ферментација“), проф. др. Милан Јазбец („Интелектуалец во балканскиот мегаетникум“), проф. д-р Ана Чупеска („Проникливо осознавање на македонската политичка сегашност и минато“), Зоран Иванов („Димитар Мирчев – сеќавања“) и проф. д-р Димитар Пандев („Заглед во тријадата: „Quo vadis“), а нејзиното објавување е овозможено со финансиски средства на Министерството за култура и туризам, во рамки на Годишните конкурси за финасирање на проекти од национален интерес за 2026 година – пишува во соопштението.
јули 1, 2026


