Connect with us

Култура

Македонската поетеса Гордана Каракашевска е лауреат на XI меѓународна поетска манифестација „Охридски поетски бисер“

Лауреат на годинршното издание и добитник на гран при наградата – прво место во категоријата „Македонски поети“, е поетесата Гордана Каракашевска за песната „Хартиени сеќавања“.

Наградата ѝ беше врачена во Калишта, на брегот на Охридското Езеро – простор што со својата природна убавина, духовност и културна традиција претставува едно од највпечатливите места за литературни средби во Македонија.

Ова признание претставува уште една значајна потврда за творештвото на Каракашевска и доаѓа во период на засилена меѓународна книжевна афирмација. Во текот на 2026 година нејзини дела беа објавени и претставени во повеќе меѓународни книжевни проекти, меѓу кои и британската поетска селекција на erbacce-press, како и литературното списание Litterateur RW, каде беше објавен нејзиниот хибриден расказ „Драга Ана“.

– Ова признание за мене претставува голема чест, но и обврска да продолжам да создавам и да верувам во силата на поетскиот збор. Поезијата и денес има моќ да го именува неискажаното, да создава блискост меѓу луѓето и да нè потсетува на она што нè прави луѓе – изјави Каракашевска по повод добиената награда.

Меѓународната поетска манифестација „Охридски поетски бисер“ традиционално собира автори од Македонија и странство придонесувајќи за афирмација на современата поезија и за развој на меѓународната книжевна соработка.

Ad
Ad