Филм
Хју Џекмен ги забранил мобилните телефони на снимањето на новиот „Робин Худ“ во Ирска
Во мрачно-суровата верзија на англиската легенда, овојпат насловена како „Смртта на Робин Худ (The Death of Robin Hood)“, Хју Џекмен го игра познатиот разбојник, а филмот е многу поразличен од претходните портрети.
Ликот на Робин Худ е пренесен на филм и телевизија повеќепати, од Ерол Флин во 1930-тите, лисецот во цртаната верзија на „Дизни“, преку Кевин Костнер во 1991., Кери Елвис во пародијата „Мажи во хулахопки“ од 1993., сѐ до Расел Кроу во 2010 година. Повеќето од овие верзии го прикажуваат или како херој кој се бори против „неправедно богатите“ или како лојален на кралот Ричард (Лавовско срце) во неговата борба против неговиот брат Џон. Во новиот филм, промовиран со фразата „Тој не беше херој“, сепак, Робин Худ е одметник со опасно минато чии дела го прогонуваат.
Филмот се снимал во историски места во Ирска, а тоа го поттикнало Џекмен (57) да воведе ново правило… Во интервју за „Дискасинг филм (Discussing Film)“, австралискиот глумец го опиша снимањето.
– Беше неверојатно, фантастично. Ирскиот тим и самите тие локации. Тие места се толку импресивни што одлучив да воведеме правило: Без мобилни телефони. Тоа мало правило вели дека нема да бидеме на нашите мобилни телефони штом ќе ја симнеме шминката. Тоа, едноставно затоа што снимавме на епски места. Ќе го дадев мојот мобилен телефон на некого, па ако ми затребаше, морав да го побарам од тој некој, објасни холивудскиот актер.
Во филмот, глуми и Џоди Комер, како и Бил Скарсгард, Кејти Брин, Фејт Дилејни, Клајв Расел и многу други. Сценариото и режијата се на Мајкл Сарноски.
Џекмен се согласи дека ова е мало отстапување од вообичаената лична пракса.
– Но, беше навистина спектакуларно. Исто така, Сарноски сакаше и одлучи да снима филм што ќе долови нешто автентично и ќе остави траен впечаток, додаде глумецот.
Објаснувајќи зошто бил привлечен од оваа потемна улога, Џекмен изјави дека сакал да одигра лик кој не е црно-бел.
– Ми се чини дека со возраста, сè повеќе сум привлечен од сивите зони на човештвото, отколку од едноставните решенија или дефинирањето кој е кој, заклучи тој.
По првите киноприкажувања, просечната оценка на ИМДБ засега е 6,4 /10, од вкупно 3.300 гледачи кои го оцениле филмот. На „Ротен томатос“, го препорачуваат 57 отсто од критичарите, и 66 отсто од гледачите во кино.
јуни 30, 2026

