Connect with us

Општини

Почна изградбата на новиот мост на река Брегалница, кај штипската бања Кежовица

Почна изградбата на нов мост на реката Брегалница кај Бања Кежовица во Штип, кој е дел од новата обиколница што ги поврзува штипските населби Пребег и Железничка со викенд населбата Плуждино.

Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека станува збор за капитална инвестиција на Општината во вредност од нешто повеќе од еден милион евра.

Јорданов изјави дека проектот ќе овозможи подобро сообраќајно поврзување и ќе придонесе за развој на овој дел од градот. Градежните активности веќе се во тек, а тој очекува во наредните месеци на терен да се реализира она што е предвидено со самиот проект. 

-Станува збор за инвестиција на општина Штип во износ од 70 милиони денари, нешто повеќе од еден милион евра, средства од буџетот на граѓаните, кои се инвестирани во капитални инвестиција, која верувам ќе овозможи иден развој на овој дел од градот. Всушност обиколницата која претходно беше започната и на која веќе интензивно се работи за да добие употребна вредност и да добие функционалност, неопходно беше изградбата на овој мост, за кој веќе се започнати активностите на терен и очекувам во наредните месеци овде да се изгради она кое што го предвидува самиот основен проект-изјави Јорданов.

Градоначалникот Јорданов вели дека се прават и Детални урбанистички планови за да се овозможи иден развој на овој потег, со зона за домување, зона за лесна индустрија, зона за деловни објекти.

-Обиколницата, мостот, но и сите сообраќајници кои се градат на територија на општина Штип верувам дека ќе овозможат побрз проток на возила, скратен пристап до одредени делови од градот, побрзо поврзување на одредени населби. Паралелно на овие нови сообраќајници, кои претходно никогаш не биле трасирани и регулирани, се прават детални урбанистички планови за да се овозможи иден развој на овој потег, со зона за домување, зона за лесна индустрија, зона за деловни објекти што ќе придонесе за ширење и развој на градот-рече Јорданов. 

Тој истакна и дека во завршна фаза е и проектирањето на уште една сообраќајница со нов мост на реката Брегалница , а тоа е меѓу населбите Баби и Македонка, која како што рече ќе почне да се гради во 2027 година.

Ad
Ad