Култура
„Скопје синема сити“ викендов во Младинскиот културен центар
Дванаесеттото издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ започнува денеска во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ),со фокус на некои од највлијателните музички имиња на современата сцена.
Програмата што ќе трае до утре опфаќа три документарни филмови посветени на легендите Мајлс Дејвис, „Duran Duran“ и „Kraftwerk“, преку кои публиката ќе има можност да проследи приказни за музичките револуционери што оставиле трајна трага во светската култура.
Фестивалот вечерва ќе биде отворен со изложба на студенти од академијата „Бреинстер“, по што ќе следува проекцијата на „Miles Davis: Birth of the Cool“, во рамки на одбележувањето на 100 години од раѓањето на џез-визионерот.
Програмата утре продолжува со документарецот „Duran Duran: Behind the Music“, а вечерта ќе биде заокружена со „Kraftwerk: Pop Art“, посветен на пионерите на електронската музика.
„Скопје синема сити“ е фестивал фокусиран на музички документаризам и веќе дванаесет години ја поврзува филмската и музичката уметност, нудејќи увид во животот и влијанието на светските музички легенди.
јуни 26, 2026


