Connect with us

Свет

Синкевичус доби мандат за состав на влада по промените во литванската владејачка коалиција

Литванскиот претседател Гитанас Науседа денеска го номинираше Миндаугас Синкевичус за премиер на земјата и му ја довери задачата да формира нова влада по промените во владејачката коалиција.

Парламентот треба да ја потврди номинацијата на Синкевичус, кој е лидер на Социјалдемократската партија. Потоа тој ќе може да го предложи составот на својот кабинет, за кој исто така ќе треба да добие поддршка од пратениците.

Науседа и Синкевичус во синоќа одржаа разговори на кои се договорија за клучните приоритети на новата влада, соопшти литванскиот претседател.

– Одбраната и безбедноста мора да останат највисок приоритет на оваа влада – изјави Науседа.

Литванија граничи со руската ексклава Калининград и со Белорусија, која е близок сојузник на Русија. Како и другите балтички држави, Литванија ја смета војната, предизвикана од целосната руска инвазија врз Украина, за директна закана за својата национална безбедност.

Синкевичус ќе ја наследи својата сопартијка Инга Ругиниене и планира составот на новата влада да го претстави следната недела. Промените доаѓаат откако Социјалдемократската партија одлучи да замени еден од коалициските партнери и на почетокот од овој месец ја прекина соработката со популистичката партија „Зора на Неман“.

На нејзино место во владата влезе Демократската унија „За Литванија“, која досега беше во опозиција. Заедно со уште два коалициски партнери, новото владејачко мнозинство располага со 75 од вкупно 141 пратеничко место.

Синкевичус беше министер за економија од 2016 до 2017 година, а најголем дел од политичката кариера ја помина во локалната самоуправа во Јонава и во околината.

Во 2024 година тој беше осуден за проневера на општински средства и привремено ја загуби градоначалничката функција, но во март 2025 година Врховниот суд со конечна пресуда го ослободи од сите обвиненија

Ad
Ad