Скопје
Меѓународна изложба на мотоцикли „CRUISE CULT – The Art of the Motorcycle 2026“ во Паркот на Франкофонија
Над 90 мотоцикли од Англија, Холандија, Германија, Белгија и Македонија утре од 12 до 18 часот ќе бидат изложени во Паркот на Франкофонија во рамките на петтото издание на меѓународната манифестација „CRUISE CULT – The Art of the Motorcycle 2026“, финансиски поддржана од Општина Центар и Министерството за култура и туризам.
Како што соопштуваат од Општина Центар, посетителите ќе имаат можност да разгледаат уникатни примероци на мотоцикли во повеќе категории, уметнички дела, односно цртежи изработени на самите мотоцикли, а ќе бидат доделени и награди (вредносни ваучери од спонзори) за најдобрите примероци на мотоцикли во различни класи.
– Ги поканувам сите граѓани, а пред сè љубителите на моторите и моторџиската култура, да го посетат овој атрактивен настан и да се препуштат на едно посебно искуство на дружење, добра музика и уметност. Општина Центар продолжува да поддржува манифестации кои ја збогатуваат разновидната културна понуда и го прават Центар препознатливо место за квалитетни содржини – порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Програмата ќе биде збогатена и со настапите на блуз и рок групите In The Mood & Band, Eruption и Saigon.
јуни 26, 2026

