Connect with us

Култура

Концерт на Александар Војнески и Арда Мустафаоглу во Македонскиот КИЦ во Загреб

Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб се одржа концерт на младите и талентирани уметници, виолинистот Александар Војнески и пијанистот Арда Мустафаоглу, кои на публиката ѝ приредија вечер исполнета со врвна музичка изведба, емоција и уметничка зрелост.

Пред почетокот на концертот, присутните ги поздравија директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, и македонскиот амбасадор во Република Хрватска, Драган Ѓурчевски. Во своите обраќања тие ја истакнаа важноста на културната дипломатија и значењето на ваквите настани за промоција на македонската култура и уметност во меѓународен контекст.

Концертот ја откри изведувачката префинетост, музичката длабочина и стилската свесност на двајца уметници кои преку дијалог меѓу виолината и пијаното создадоа заеднички простор на звук, мисла и емоција.

Програмата ја прикажа богатата палета на музички израз, поврзувајќи различни стилски епохи и естетики во едно заокружено уметничко доживување. Преку рамноправниот дијалог меѓу виолината и пијаното, Војнески и Мустафаоглу создадоа автентичен простор на уметничка комуникација, исполнет со суптилност и силна емоционална експресија.

-Овој концерт не беше само низа композиции, туку концептуално патување низ културни, стилски и духовни простори. Секоја композиција беше внимателно избрана за да ја прикаже различната природа на човечката емоција и културна идентичност, истовремено истакнувајќи го единството на музичкиот јазик што ги поврзува сите времиња и народи. Во таа смисла, концертот ја потврди идејата дека музиката претставува универзален медиум на комуникација — истовремено интимен и колективен чин на изразување. Во програмата стоеше дијалогот меѓу традицијата и современоста, меѓу различните музички јазици и естетики, се наведува во соопштението од македонскиот Културно-информативен центар во Загреб.

Со ваквите културни настани, македонскиот Културно-информативен центар во Загреб продолжува успешно да ја афирмира македонската култура и уметност, создавајќи простор за културен дијалог и продлабочување на врските меѓу македонската и хрватската култура.

Ad
Ad