Connect with us

Свет

Мерц најави целосна примена на предлозите за пензиска реформа

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Владата целосно ќе ги спроведе сите реформи на пензискиот систем предложени од специјална комисија и официјално претставени денеска, пренесува ДПА.

– Сите елементи од овој пакет реформи сега мора брзо да бидат спроведени – изјави Мерц на презентацијата на извештајот во Берлин.

– Не можеме да си дозволиме да отстрануваме или да отфрламе поединечни мерки – додаде германскиот канцелар.

Мерц ги опиша 33-те предлози како „сеопфатна стратегија што може да функционира само како целина“.

Специјалната комисија, составена од 13 експерти и политичари, беше задолжена да подготви предлози за реформа на германскиот пензиски систем, со оглед на очекуваното значително зголемување на бројот на пензионери во наредните години.

Во исто време, не се очекува бројот на вработени кои плаќаат придонеси да расте со исто темпо, што може да доведе до значително зголемување на придонесите.

Според предлозите на комисијата, пензиската возраст, која треба да достигне 67 години до 2031 година, потоа би се зголемувала за по шест месеци во текот на следните децении, во согласност со порастот на очекуваниот животен век.

Без спроведување на реформите, се очекува стапката на пензиските придонеси до 2028 година да се зголеми од сегашните 18,6 на 19,9 проценти.

Ad
Ad