Свет
ЕУ: Напнатоста меѓу Полска и Украина ѝ оди во корист само на Русија
Европската Унија предупреди дека растечката напнатост меѓу Полска и Украина околу историското сеќавање за Втората светска војна може да биде искористена во корист на Русија.
– Оваа ситуација го прави среќен само еден – агресорот. Не треба да му ја олеснуваме задачата – изјави портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо.
Таа додаде дека Брисел има доверба во тековните разговори меѓу Варшава и Киев и оти е убеден дека ќе биде најдено решение.
Претходно денеска, украинските власти соопштија дека претседателот Володимир Зеленски нема да учествува на конференцијата за обнова на Украина, која годинава ќе се одржи во Полска, поради напнатоста меѓу двете земји.
Спорот се заостри откако Зеленски именуваше единица од Специјалните сили на Украина како „Хероите на Украинската востаничка армија“ – националистичка организација од периодот на Втората светска војна, која во Полска се смета за одговорна за смртта на повеќе од 100.000 Полјаци.
Како одговор на ова, минатата недела полскиот претседател Карол Навроцки објави дека највисокото државно одликување на земјата – Орденот на Белиот Орел, ќе му биде одземено на украинскиот претседател.
јуни 24, 2026


