Скопје
Општина Гази Баба: Повеќе од 60 проекти ќе се реализираат во текот на летото
Општина Гази Баба денеска соопшти дека започнува интензивен летен период на реализација на капитални и развојни проекти, при што во ист временски период ќе бидат реализирани повеќе од 60 проекти во речиси сите населени места на територијата на општината.
– Во наредните денови ќе бидe пуштенa во употреба новата градинка во Трубарево, а дополнително ќе се зголеми динамиката на изградба на останатите две нови градинки во Инџиково и помеѓу Маџари и Керамидница. Со овие инвестиции значително ќе се зголеми опфатот на децата во предучилишното образование и ќе се одговори на долгогодишните потреби на младите семејства – информира општинската прес-служба.
Паралелно, посочуваат, се реализираат и значајни комунални проекти. Се работи на изградба на фекалните канализациски системи во Идризово, Јурумлери, Гоце Делчев и Чукур Маало, додека во Стајковци се привршува изградбата на каналот за одводнување – проект од особено значење за заштита на населението и земјоделските површини.
– Голем дел од инвестициите се насочени кон образованието. Наскоро ќе биде завршена новата училишна зграда на ООУ „Крсте Мисирков“ во Ченто, а во тек е и доградбата на ООУ „Крум Тошев“. Во текот на летниот распуст ќе се изведуваат градежно-занаетчиски работи во сите основни училишта, со цел учениците да добијат подобри и побезбедни услови за настава. Општината продолжува и со мерките за директна поддршка на семејствата преку обезбедување бесплатни училишни униформи за сите ученици и финансиска помош од 3.000 денари за секое прваче – се вели во соопштението.
Во делот на спортската инфраструктура, до крајот на летото, најавуваат дека ќе бидат завршени новата спортска сала во Црешево и првата фаза за изградба на салата во Железара, кои ќе овозможат подобри услови за спорт и рекреација на младите.
Општина Гази Баба најавива дека во текот на летните месеци ќе се реализира и обемен циклус на реконструкција и изградба на локална патна инфраструктура. Предвидени се реконструкции на улица „519“ во Керамидница, улица „Пехчевска“ во Хиподром и улица „Жал Жорес“ на потегот од Кино Маџари до натпатникот кон Ченто, како и реконструкција на повеќе од 20 улици во различни населени места. Истовремено ќе се градат нови пешачки патеки со павер елементи на повеќе локации низ општината.
Во областа на водоснабдувањето ќе бидат реализирани нова бушотина во Раштак и нова филтер станица во Булачани, со што дополнително ќе се подобри сигурноста и квалитетот на водоснабдувањето.
Ова лето ќе биде обележано со засилена градежна активност, реализација на капитални инвестиции и конкретни проекти кои носат долгорочни придобивки за граѓаните. Општина Гази Баба останува посветена на рамномерен развој на сите населени места и на создавање подобри услови за живот за сите генерации – информира општина Гази Баба.
јуни 23, 2026


