Connect with us

Свет

Претседателски избори во Колумбија – изборот меѓу протрампов десничар и застапник на левицата

Вториот круг од претседателските избори што денеска се одржуваат во Колумбија ќе одлучи дали земјата ќе сврти надесно или ќе го задржи сегашниот политички курс, соочувајќи ги крајнодесничарскиот адвокат, Абелардо де ла Есприела и левичарскиот сенатор, Иван Сепеда.

Милионерот Абелардо де ла Есприела, 47-годишен политички новајлија кој ја има поддршката на американскиот претседател Доналд Трамп, се претставува како „аутсајдер“ и патриот. Тој брзо се искачи на политичката сцена со остра реторика против левицата на актуелниот претседател Густаво Петро, кој не може повторно да се кандидира.

Негов противкандидат е 63-годишниот сенатор Иван Сепеда кој ја користи популарноста на својот сојузник Петро, особено меѓу работничката класа, задоволна од намалувањето на сиромаштијата, повисоките плати и пониската невработеност.

Околу 41 милион гласачи имаат право на глас на избирачките места што ќе бидат отворени од 8 часот наутро до 16 часот по локално време.

Десет години по потпишувањето на мировниот договор со герилците од ФАРК во 2016 година, земјата повторно се соочува со пораст на насилството.

Де ла Есприела, кој себеси се нарекува „Тигар“, застапува тврд став кон организираниот криминал во земјата, која е водечки светски производител на кокаин. Тој повеќепати изјави дека ќе ја „брани Колумбија со разум или со сила“, критикувајќи ја како неуспешна политиката на Петро за мировни преговори со вооружените групации.

Сепеда, син на комунистички политичар убиен од полицијата со помош на паравоени сили, е гласен застапник на жртвите од повеќедеценискиот вооружен конфликт во земјата.

Двајцата кандидати се остро спротивставени и по стил и според политичкиот контекст што, според светските агенции, ја отсликува длабоката поларизација на колумбиското општество.

Додека де ла Есприела, кој отворено се восхитува на аргентинскиот претседател Хавиер Милеј и на Доналд Трамп, ветува изградба на мега-затвори, бомбардирање на кампови на наркокартели со поддршка од Вашингтон и Израел и укинување на Судот создаден со мировниот договор со ФАРК, Сепеда ветува продлабочување на социјалните реформи што ги покрена актуелната власт.

„За доброто на Колумбија, прво сиромашните“, повторува Сепеда во своите говори.

Односите со Вашингтон што е традиционален сојузник на Богота, исто така се меѓу клучните теми во изборната кампања. Во време кога многу земји од Латинска Америка свртуваат надесно, Сепеда категоричен дека Колумбија нема да стане „колонија“ на САД.

Ad
Ad