Connect with us

Култура

Книжевен портрет на Снежана Младеновска-Анѓелков и Игор Анѓелков во КИЦ во Загреб

Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб се одржа книжевна вечер посветена на современата македонска книжевност и на авторите Снежана Младеновска-Анѓелков и Игор Анѓелков. КИЦ-Загреб соопшти дека публиката имала можност непосредно да се запознае со книжевните патишта на авторите, нивните творечки искуства и размислувања поврзани со креативниот книжевен процес.

-Разговорот го водеше реномираната преведувачка, книжевна промоторка и уметничка директорка на фестивалот „Причигин“, Патриција Хорват, чија  долгогодишна посветеност на книжевноста, книжевното преведување и на културната промоција претставуваат вреден придонес во поврзувањето на авторите и читателите од различни јазични и културни средини. Во динамичниот и интересен разговор, посебно беше истакнат фактот што двајцата автори во различни свои творечки периоди престојуваа на книжевни резиденции во Хрватска, во Пазин и Сплит. При овие книжевни престои создадени се делови од нивните најзначајни книжевни дела. Токму со ова, се создаваат книжевни и културни врски кои претставуваат мост меѓу двете земји и ја потврдуваат блискоста и постоечката плодна соработка меѓу македонската и хрватската книжевна сцена, информира македонскиот КИЦ во Загреб за настанот, на кој присуствувале голем број љубители на книжевноста, писатели, студенти и професори од Филозофскиот факултет во Загреб, како и претставници на културниот живот во Хрватска.

Директорката на КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска во обраќањето истакнала дека преку книжевноста, уметноста, музиката, филмот и другите облици на творештво се градат трајни пријателства, се премостуваат границите и се создава простор за меѓусебно разбирање и почитување.

-Токму затоа секој ваков настан претставува значаен придонес за продлабочувањето на културните врски меѓу Македонија и Хрватска, како и за промоцијата на современите македонски автори на меѓународната сцена, истакнала Ѓоргоска-Илиевска на настанот реализииран со поддршка на Министерството за култура и туризам во рамките на годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб.

Ad
Ad