Connect with us

Општини

Во Штип почна оптимизацијата и реорганизацијата на основното училиште „Гоце Делчев“

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип Дејан Мираковски и градоначалникот на општина Штип Иван Јорданов, попладнево на прес-конференција ја информираа јавноста дека од учебната 2026-2027 година почнува оптимизацијата и стратегијата за развој на образованието.

Јорданов информираше дека првиот чекор со носењето на одлука е поврзана со основното образование и на денешната седница на Совет на општина Штип е донесена одлука за промена на статутот на ООУ „Гоце Делчев“-Штип и е поврзана со оптимизирање на ресурсите во рамки на основното образование  и како што рече „се однесува на зградата на основното училиште „Гоце Делчев“ и е поврзано со наставниот кадар“. Од новата учебна година учениците од прво и шесто одделение ќе продолжат во другите училишта, со што во наредните пет години ќе заврши образовниот процес во зградата на ООУ „Гоце Делчев“-Штип.

– Морам да потенцирам дека оваа стратегија и план не предвидува затворање на оваа образовна институција, туку реорганизирање на образовниот процес во рамки на оваа образовна институција и ова училиште. Исто така, оваа стратегија не предвидува технолошки вишок и прогласување на технолошки вишок на веќе постоечките вработени лица во рамки на образовниот процес, туку нивно искористување, односно превземање во останатите образовни институции и во останатите училишта на еден среден рок од пет години-рече Јорданов. 

Посочи дека секоја година училиштата имаат помалку ученици, или на ниво на општина просекот е еден наставник има девет ученици.

Министерката Јаневска истакна дека сите ученици од училиштето „Гоце Делчев“ ќе го продолжат својот образовен процес во многу подобри услови и во многу подобра социјална средина, каде што тие ќе имаат можност да ги покажат своите таленти, да се споредуваат со другите ученици, да се натпреваруваат со другите ученици, да се дружат со други ученици и да учат во помодерни услови.

​-Дополнително на тоа, би сакала да кажам дека на сите ни е добро познато дека во повеќе општини во Македонија се случува одделување на децата по етничка основа, што не води кон просперитет. Социјализацијата и процесот на интеграција се единствениот правилен начин за просперитет на општината. ​Второто што сакам да го кажам е дека, да, потврдувам, ниту еден наставник од ова училиште нема да остане без работа. Како што кажа градоначалникот, имаме – и јас сум им благодарна на сите што се грижат за Штип и напредокот на Штип и на образовниот процес во Штип – ние имаме петгодишен план во кој гарантираме дека сè ќе се одвива во најдобар ред и најдобар мир во корист на децата и подобрување на квалитетот на образовниот процес и подобрување на знаењата, компетенциите и вештините на учениците. Притоа, се разбира, треба ангажман и на наставниците, но тоа е нешто вообичаено што не треба да го дискутираме. Децата ќе си продолжат така како што сакаат, во кое училиште ќе одберат да учат, таму и ќе учат – вели Јаневска. 

Министерката за образование и наука, Јаневска додаде и дека ​во овој петгодишен план во Штип се предвидени околу 80 пензионирања, што значи наставниците и од ова училиште и од другите училишта ќе си го добиваат своето место соодветно на пензионирањата, и доколку и во иднина бројот на ученици се намалува.

– Она што е исто така значајно што на овој состанок, но и на претходните состаноци – бидејќи ова не е процес кој го почнавме ние сега, ние го почнавме пред отприлика две години и тогаш имавме прес-конференција и населението беше запознаено и немаше бурни реакции за тоа – но, како и да е, она што е важно, сега да се надоврзам, оваа училишна зграда на училиштето „Гоце Делчев“ повторно ќе биде употребена во образовниот процес-подвлече Јаневска. 

Ректорот на УГД-Штип, Мираковски додаде дека ставот на раководството на Универзитетот  е оти се дел од оваа заедница.

​- Нашиот Универзитет, колку што знаете, има одредени струки, на пример, еве стоматологија е дел од медицинскиот – од Факултетот за медицински науки, на којшто е планирано да се направи поликлиника којашто би била специјално дизајнирана за да можат студентите да остваруваат практична работа, но истовремено и да даваат услуги кон ранливите и социјалните категории на граѓани. ​Идејата е, бидејќи се работи за објект којшто може тоа да го поднесе, да еден дел од објектот биде пренаменет за таа намена, а другите објекти соодветно како ќе се одвива процесот, нели, на менување на структурата, другите – другиот дел од објектот да биде наменет за лаборатории, наставни простории… -рече Мираковски. 

Прашан дали Филошкиот факултет кој е во Кампус 4 ќе се сели во друга зграда, бидејќи во овој објект има интерес од страна на Министерството за внатрешни работи, Мираковски ја потврди информацијата. 

-Да, значи од нас беше побарано – верувам вие го знаете и локацијата на објектот и знаете дека тој објект е и изолиран од урбаната средина. Ние имаме два факултети таму коишто, за жал, студентите мора да патуваат, малку не е ни најсоодветен за намената за која што е во моментот се користи. Така што, од наша страна тој процес е поддржан, ние ќе го отстапиме тој објект за да добиеме објект во урбана средина којашто е многу попристојна за вакви активности. И верувам дека е во корист на Универзитетот, на условите во коишто ќе работат студентите, а од друга страна МВР ќе го користат за нивни потреби-вели Мираковски.

УГД-Штип веќе има направено планови Филолошкиот факултет да се пресели во зградите на Факултетот за образовни науки и на средното текстилно училиште.

Ad
Ad