Свет
Владата на Роберт Фицо го „преживеа“ гласањето доверба во словачкиот парламент
Словачкиот парламент денеска ѝ изгласа доверба на владата на премиерот Роберт Фицо, јави словачката новинска агенција ТАСР.
Повод за гласањето беше високото ниво на државниот долг, кој го достигна прагот предвиден со словачкиот Устав.
Трипартиската владејачка коалиција на Фицо доби поддршка од 78 пратеници во 150-члениот Национален совет на Словачка, додека 54 пратеници гласаа „против“.
Премиерот оцени дека исходот од гласањето претставува сигнал дека коалицијата ќе продолжи да функционира стабилно и дека најверојатно нема да има предвремени парламентарни избори.
Тој истакна дека редовните парламентарни избори ќе се одржат според предвидениот рок идната година.
Во видеообраќање објавено на социјалните мрежи, Фицо им се заблагодари на сите пратеници кои ја поддржале владата.
– Денешното гласање уште еднаш потврди дека по фундаменталните прашања ние, коалициските партнери, како и другите пратеници кои ја поддржаат владата, сме единствени. Тоа е сигнал дека продолжуваме напред без пречки и дека денешната одлука веројатно ќе спречи предвремени парламентарни избори, овозможувајќи ни да се подготвиме за редовните избори во 2027 година – изјави Фицо во видеото снимено во Брисел, каде што присуствува на состанокот на Европскиот совет.
јуни 19, 2026

