Забава
Генерацијата Зет ја враќа популарноста на старите ајпод уреди
Епл не претставил нов ајпод уред уште од 2019 година, по создавањето на последната верзија на ајпод тач. Во тој период Ајфон ја презел неговата, како и на многу други самостојни уреди, со што исчезнала потребата од производот кој некогаш претставувал најголем извор на приходи за компанијата. Но и покрај тоа, старите модели повторно стануваат популарни, особено меѓу припадниците на генерацијата З.
„Во февруари, продажбата на моделите ајпод класик и ајпод нано се зголемила за 20 отсто. Првичните информации покажуваат повторна заинтересираност за уредите кои некогаш беа симбол на дигиталната музичка револуција“, соопшти американскиот медиум Аксиос.
Иако значителен дел од купувачите на Ајпод се луѓе кои ги користеле овие уреди во екот на нивната популарност, истражувањата покажуваат дека голем интерес постои и кај помладите генерации. Според резултатите од неформалната анкета спроведена од Емили Вајт, дури 32 проценти од испитаниците биле припадници на генерацијата Зет.
Во период на својата најголема популарност, Ајпод претставувал симбол на современата култура и технолошкиот напредок. Уредот бил препознатлив дел од секојдневието на милиони луѓе ширум светот и се сметал за еден од најпосакуваните технолошки производи тогаш. Неговото влијание било толку големо што во рекламните кампањи честопати биле прикажувани само силуети на луѓе кои танцуваат, додека во преден план биле препознатливите бели слушалки што станаа заштитен знак на брендот.
Уредот кој некогаш ги идентификувал своите корисници како дел од доминантниот културен тренд, денес претставува симбол на спротивставување на современите технолошки навики. Наместо да биде знак на припадност кон популарниот тренд, Ајпод сè почесто се доживува како ретро-симбол за индивидуалност и отпор кон постојаната потреба за поседување на најновите технолошки уреди.
За многу млади, особено припадниците на генерацијата Зет, користењето стар Ајпод уред претставува начин да се избега од постојаните известувања, апликации и дигитални одвлекувања кои се составен дел од современите паметни телефони. На тој начин, уредот кој некогаш беше врв на технолошката мода, повторно наоѓа место во секојдневието, но овојпат како симбол на носталгија, едноставност и свесно оддалечување од современите дигитални трендови.
јуни 19, 2026


