Connect with us

Свет

Венс изјави дека договорот со Иран вклучува ублажување на санкциите, а не американски средства

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека ниту еден долар од американските средства нема да и биде префрлен на Владата во Техеран според рамковниот договор за прекин на војната.

– Не им даваме американски пари, ниту еден единствен долар од американските пари нема да отиде во Иран – рече Венс во гостувањето на емисијата „Добро утро Америка“ на телевизијата Еј-Би-Си.

Наместо тоа, договорот главно се фокусира на ублажување на санкциите, појасни тој.

– Текстот ќе го објавиме оваа недела, и тоа што сите ќе можат да го видат е дека Иран нема да добие ниту цент доколку не ги исполни своите обврски, а парите за кои зборуваме во основа се олеснување на санкциите – рече тој.

Доколку Техеран се откаже од своите резерви на високо збогатен ураниум или дозволи мерки за верификација со кои САД ќе можат да се осигурат дека Иран не развива нуклеарно оружје, тогаш санкциите би можеле да бидат укинати, истакна Венс.

– Така што, ова всушност претставува чекорење по пат на кој Иранците ќе бидат добредојдени во светската економија доколку ја направат вистинската работа – додаде тој.

Договорот треба да биде потпишан в петок во Швајцарија.

Венс изјави дека договорот веќе бил дигитално потпишан вчера, но не прецизираше кој точно го ставил потписот во име на САД и Иран. Тој додаде дека сè уште не се ослободени никакви средства.

По неколкунеделни преговори, САД и Иран вчера се согласија за рамковен договор, иако досега во јавноста беа објавени многу малку детали за него.

Многу набљудувачи го опишаа овој договор како привремен чекор во дипломатскиот процес кој и понатаму се соочува со значителни препреки, пренесува ДПА.

Ad
Ad