Свет
Оксфам: Земјите од Г7 ја спроведоа најголемата редукција на развојната помош во историјата
Хуманитарната организација „Оксфам“ ги критикуваше земјите од Групата седум (Г7) поради намалувањето на буџетите за развојна помош, оценувајќи дека станува збор за најголемите кратења во историјата на групата.
Во пресрет на самитот на Г7 во францускиот град Евијан на Женевското Езеро, организацијата соопшти дека средствата за развојна помош биле намалени за 48 милијарди долари во периодот меѓу 2024 и 2025 година.
Истовремено, според пресметките на „Оксфам“, нафтените компании за време на војната со Иран ги зголемиле своите профити на повеќе од 400 милиони долари дневно.
– Конфликтите ги уништуваат државите и одземаат безброј животи, но за некои тие се исклучително профитабилни – изјави извршниот директор на „Оксфам интернешнл“, Амитаб Бехар, во соопштението објавено денеска.
„Ова е суров систем кој го прераспределува богатството кон најбогатите“, додаде тој.
Организацијата ги повика германската Влада и земјите од Г7 да ја зголемат помошта и да воведат повисоки даноци за милијардерите и за екстрапрофитите, со цел да се обезбедат дополнителни средства за развој.
„Оксфам“ исто така побара лидерите на Г7 да ги суспендираат билатералните отплати на долговите на земјите со ниски и средни приходи, како и да отпишат неодржлив дел од долговите кои, според организацијата, ги принудуваат владите на „разорни кратења“ во основните јавни услуги.
Според „Оксфам“, намалувањата во периодот 2024–2025 година се најголемите досега во историјата на Г7.
„Ова е еднакво на богатството што милијардерите од Г7 го акумулирале за само девет дена во истиот период“, наведува организацијата, оценувајќи дека човечката цена на овие политики е „катастрофална“.
„Откако Франција последен пат претседаваше со самитот на Г7, секоја минута по 44 лица запаѓаа во хуманитарна криза“, се додава во соопштението.
Франција последен пат беше домаќин на самит на Г7 во 2019 година, во крајбрежниот град Бијариц.
Г7 ја сочинуваат Германија, Франција, Обединетото Кралство, Италија, Јапонија, Канада и САД. Актуелниот самит трае од денеска до среда.
јуни 15, 2026

