Connect with us

Култура

МТФ „Војдан Чернодрински“: Трибина за современиот театар, „Страв и надеж“ на МНТ и „Драга Јелена Сергеевна“ на ФДУ

Трибината за тоа колку е современ современиот македонски театар и по една претстава во официјалната на МНТ и во придружната програма на Факултетот за драмски уметности, се денешните настани кои го привлекуваат вниманието на театарската јавност на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што се одржува во Прилеп.

Синоќа во официјалната програма публиката имаше можност да ја види претставата на Албански театар „Носорози“ од Ежен Јонеско во режија на Васил Василев. А на полноќ беше претставата „Нежност“ на Факултетот за драмски уметности и на Албански театар. 

Речиси целата екипа на претставата „Носорози“, актерите, кореографот, режисерот и директорот на Албански театар веднаш по двочасовната претстава синоќа беа дел од разговороите на тркалезната маса. 

Според модераторот, режисерот Милош Андоновски текстот на Јонеско „Носорози“ е драма на апсурдот, а екипата во претставата пристапи со нежност во поставката. Како поткрепа, Андоновски нагласи и неколку реплики.

-Токму нежноста со која има пристапено екипата  во претставата ја прави „Носорози“ храбра. Почетокот и крајот, според моето доживување на претставата, се едни од попоетските парчиња што ги имам видено во изминатиов период на следење театарски претстави. Мислам дека е храбро да се остане нежен денеска, во еден суров свет. Токму тоа е што човекот го прави – човек. Кон тоа се и репликите од крајот на претставата кои ги издвоив: „Осаменоста е почетокот на небото во него“, „Да се победи со љубовта – е нешто што е многу храбро“ и „Да се биде човек, тоа е борба“. Ова, според мене, се главните лајт-мотиви на претставата- рече Андоновски. 

Директорот на Албански театар,  Хисмет Рамадани рече дека не случајно решиле за претставата да соработуваат со режисерот Васил Василев. 

-Ја следевме неговата работа и мислам, направивме добра работа. И точно е, една од поважните теми во претставата е тоа дека е многу тешко да се биде човек во денешно време, рече Рамадани. 

Режистерот Васил Василев од Бугарија ја пофали организацијата на Фестивалот, а за соработката со Албански театар се послужи со познатата изрека на Гоце Делчев „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.

-Навистина е тешко во денешно време да останеш човек, да ги сакаш луѓето, да го сакаш ближниот. И не случајно, првиот прочит го почнавме со еден случај: Еден човек седи осамен зашто тој ги сака луѓето, а тоа е неговата борба. Денеска стана невозможна мисија да се занимаваш со театар. Ние се поистоветуваме со медиумите, со социјалните мрежи, со Тик-ток. Се соочуваме со општество кое има друг ритам, друго разбирање на светот, а ние треба да опстојуваме. Театарот има повеќеилјадно искуство за тоа како може да продолжи. Посебно сум восхитен од публиката која имаше свој ритам. Донекаде беа подготвени дури да гледаат комедија. Тука ѝ честитам на екипата актери која цело време беше посветена на играта, рече режисерот Василев. 

Од 17 часот, во рамките на фестивалската програма ќе се одржи втората трибина, насловена „Современ ли е современиот македонски театар: Меѓу локалната инерција и глобалните сценски текови“.

Од 19 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ансамблот на МНТ ќе ја изведе претставата во официјалната програма „Страв и надеж“ од Франц Ксавер Крец во режија и адаптација на Татјана Мандич Ригонат.

Од 21 часот на сцена 105 е претставата на ФДУ „Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја во режија на Шенај Мандак.

Ad
Ad