Свет
Демографска криза: ЕУ до крајот на векот може да изгуби 53 милиони жители
Населението на Европската Унија би можело до 2100 година да се намали за 53 милиони луѓе, односно за 11,7 проценти, покажуваат најновите проекции на Евростат.
Според податоците, бројот на жители на ЕУ во 2025 година се проценува на 451,8 милиони, а во наредните три години се очекува благ раст и достигнување на врвот од 453,3 милиони во 2029 година. Потоа следува долг период на опаѓање, до 398,8 милиони жители на почетокот на 2100 година.
Евростат наведува дека проекциите се засноваат на претпоставки за фертилитет, смртност и миграции, поради што треба да се гледаат како можно демографско сценарио, а не како конечна прогноза. Сепак, податоците укажуваат на длабока демографска криза: има сѐ помалку деца и млади, населението забрзано старее, а работоспособната популација се намалува.
Клучната причина е нискиот наталитет. Во 2024 година стапката на фертилитет во ЕУ изнесувала 1,34 живородени деца по жена – најниско ниво откако се води споредлива статистика на ниво на Унијата. Тоа е значително под нивото за проста репродукција, кое изнесува околу 2,1 дете по жена.
Иако миграциите засега го ублажуваат падот, тие не можат целосно да го запрат стареењето на Европа. На 1 јануари 2025 година во ЕУ живееле 46,7 милиони лица родени надвор од Унијата, како и 18 милиони родени во една земја членка, а кои живеат во друга. Најголем број жители родени во странство има во Германија, Франција, Шпанија и во Италија.
Сличен тренд покажува и извештајот на Центарот за истражување и анализа на миграциите во Берлин, кој, повикувајќи се на податоци од Евростат и УНХЦР, наведува дека бројот на имигранти во ЕУ во 2025 година достигнал рекордни 64,2 милиони – за околу 2,1 милион повеќе од претходната година. Германија останува најголема земја домаќин, додека Шпанија бележи најбрз раст.
Особено загрижувачка е промената на старосната структура. Уделот на деца и млади до 19 години се очекува да се намали од 20 на 17 проценти, додека работоспособното население (од 20 до 64 години) ќе падне од 58 на 50 проценти до 2100 година. Во исто време, уделот на лицата над 80 години ќе порасне од шест на 16 проценти. Ова значи дека европските држави ќе се соочат со сѐ поголем притисок врз пензиските системи, здравството и пазарот на труд.
мај 1, 2026

