Свет
ММФ: Светската економија засега одолева на неизвесностите и тензиите

И покрај упорната неизвесност предизвикана од царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп и трговските тензии што тие ги поттикнаа, светската економија и понатаму покажува охрабрувачка способност за отпор – како во 2025, така и во 2026 година – според најновите податоци што денеска ги објави Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Институцијата очекува дека светската економија ќе ја заврши оваа година со раст од 3,2 проценти, што е 0,2 процентни поени повеќе од јулската прогноза, кога ММФ веќе направи нагорна ревизија.
Овој тренд, според Фондот, треба да продолжи и во 2026 година, за која се предвидува раст од 3,1 процент.
Во својот редовен извештај за светската економија, ММФ сепак упати неколку предупредувања.
Тековната неизвесност го отежнува правењето точни прогнози, иако стабилизирањето на американските царини, кои сега се на многу повисоко ниво од пред една година, овозможува малку појасна слика.
Проектираниот тренд сепак го потврдува постпандемискиот модел – глобалниот БДП расте, но со побавно темпо.
Овие проценки се направени пред новиот пораст на тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг и пред новите закани со царини од страна на Доналд Трамп.
– Имаме алтернативно сценарио во кое растот се намалува, изјави главниот економист на Фондот Пјер-Оливие Гуренша на прес-конференција, додавајќи дека тоа покажува дека светската економија може да тргне по „позагрижувачка патека“ ако трговските тензии се засилат.
Тој потсети дека „е потребно време“ за целосен пренос на влијанието на царините врз економијата.
– Трговскиот шок беше донекаде помал од очекуваниот, благодарение на трговските договори и изземањата постигнати меѓу САД и нивните главни економски партнери, но и затоа што тие партнери се воздржаа од реципрочни мерки, додаде Гуренша.
Последиците од американската протекционистичка политика сепак се чувствуваат – особено во пренасочувањето на трговските текови, на пример од Кина, која сега повеќе тргува со Азија и Европа, а помалку со САД.
За САД, најголемата светска економија, царините придонесуваат за забавување на растот, па иако тој ќе биде помалку динамичен отколку во 2024 година, се очекува раст од нешто над 2 проценти, со мала ревизија нагоре (0,1 п.п.), што би се задржало и во 2026 година со раст од 2,1 процент.
Инвестициите во вештачка интелигенција го поддржуваат американскиот раст, но економијата е оптоварена со ослабен пазар на труд и благо забавување на потрошувачката.
Фондот предупредува и на „ризик ако инвестициите и потрошувачката поврзани со вештачката интелигенција премногу зајакнат“, бидејќи тоа би можело да доведе до затегнување на монетарната политика за контрола на цените – во момент кога Федералните резерви всушност ги намалуваат каматните стапки.
ММФ очекува можност за „остра пазарна корекција“ доколку не се реализираат очекуваните приходи, што би предизвикало „губење на богатство, потрошувачка и инвестиции“ и дополнително би ја оптоварило економијата.
Во еврозоната, иако економијата ќе ја заврши годината со подобар раст на БДП (1,2%) од претходно предвидениот 1%, во 2026 година се очекува успорување на растот на околу 1,1%.
Главно станува збор за германската, француската и италијанската економија, кои остануваат во циклус на раст под 1% – со проектирани 0,9% за Германија и Франција и 0,8% за Италија во 2026 година.
Шпанија е исклучок во оваа слика – за неа се предвидува раст од 2,9% во 2025 година, што ја прави најуспешна меѓу напредните економии. Во 2026 се очекува благ пад, но сепак раст од околу 2%.
Прогнозите за Кина остануваат непроменети – раст под 5%, со 4,8% оваа година и 4,2% во 2026.
– Постојат сериозни прашања за кинескиот модел на раст, рече Гуренша, додавајќи дека секторот за недвижности останува слабата точка, а растот заснован на извоз „не е одржлив“, особено бидејќи кинеската економија останува близу дефлација.
октомври 15, 2025