Регион
Во српскиот парламент усвоен „лекс специјалис“ за градење на местото на ГШ оштетен во бомбардирањето во 1999 година
Пратениците во Собранието на Србија денеска усвоија „лекс специјалис“ за комплексот згради на Генералштабот, дела на архитектот Никола Добровиќ, оштетен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.
Сто и триесет пратеници гласаа за тој закон, формално наречен Измени на Законот за посебни постапки за спроведување на проектот за ревитализација и развој на локацијата во Белград помеѓу улиците Кнез Милош, Масарикова, Бирчанинова и Ресавска, 40 беа „против“, а еден пратеник не гласаше.
Усвоен е и предлог за утврдување на постоење на особено оправдани причини тој Закон да стапи на сила порано од осмиот ден од денот на неговото објавување.
Со посебен закон, властите во Србија имаат намера да го отворат патот за градење на таа локација, а намерата за изградба на луксузен хотел ја изрази во почетокот на 2024 година Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Дел од опозициските пратеници во Собранието на Србија денес изразија низа забелешки на предлогот за посебен закон (lex specialis) за зградата на Генералштабот во Белград, барајќи тој да биде повлечен, бидејќи таа зграда е споменик на културата, додека членовите на владејачката коалиција тврдат дека на тоа место ќе се гради меморијален центар.
Српските власти и американската компанија на Кушнер, „Афинити глобал девелопмент“, потпишаа договор за закуп од 99 години во мај 2024 година, што и овозможува на компанијата да реновира две згради во кои некогаш се наоѓаше седиштето на поранешната југословенска армија.
Начинот на кој беше донесен законот – брзо, и стапувањето во сила еден ден по неговото усвојување во српскиот парламент – ги зголеми сомнежите на опозицијата и некои експерти за вистинските намери на властите, јавија српските медиуми. Лекс специјалис го укинува општиот закон во одредена област.
И покрај острата осуда од научната заедница, кон средината на ноември минатата година, Владата на Србија го одзеде статусот на зградата на Генералштабот како културно наследство. Беа организирани и неколку протести против одлуката на властите.


