Регион
Рајт – Папаставру: Грција е одлична влезна точка за природен гас што ќе го замени рускиот гас
За потребата од целосно ослободување од рускиот гас, за стабилност и перспектива на целиот регион, говореа американскиот секретар за енергетика Крис Рајт и грчкиот министер за енергетика Ставрос Папаставру на отворањето на состанокот на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) и паралелно посочија дека Грција е одлична влезна точка за природен гас, јави дописничка на МИА од Атина.
Секретарот за енергетика на Соединетите Американски Држави објасни дека природниот гас е поевтин од нафтата и е многу позастапен од нафтата, но потребна е инфраструктура и доколку се изгради, тогаш гасот станува многу поевтин од нафтата и многу почист од нафтата.
– Соединетите Американски Држави го имаат гасот. Не би сакале ништо повеќе од тоа да соработуваме за да ја изградиме оваа инфраструктура, бидејќи инфраструктурата се гради и обемот расте, трошоците се намалуваат, безбедноста на енергијата е важна, цената на енергијата е важна, од каде се добива енергијата. Мислам дека тоа ги зближува Соединетите Американски Држави и Европа за заемна корист, порача Рајт.
Додаде дека секоја молекула природен гас што Русија не ја продава во Европа, што не пристигнува во Европа „останува под земја и не оди во џебовите на Путин и во руската воена машинерија“.
– Грција е совршена влезна точка. Имате инфраструктура за влез на природниот гас во остатокот од Европа. Ова е можност создадена во рајот, порача американскиот секретар за енергетика.
Министерот за енергетика на Грција нагласи дека Грција има географска позиција, инфраструктура, гасоводи, економска стабилност, а со тоа и можност за мир и просперитет во регионот, за што, според него, потребно е целосно ослободување од рускиот гас
Дополнително нагласи дека земјата е подготвена за вакви проекти.
По завршувањето на панел-дискусијата, на маргините на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) беше потпишан договор за учество на американската компанија „ExxonMobil“, заедно со „Energean“ и „HELLENiQ ENERGY“ во истражувањата за јаглеводороди во Јонското море.
ноември 7, 2025

