Култура
Востановена награда „Роксан Стојанов“ за млади македонски балетски уметници
Францускиот институт во Скопје и Фестивалот „Танц фест“ со поддршка на Амбасадата на Франција ја востановуваат националната награда „Роксан Стојанов“ која првпат ќе биде доделена напролет. Наменета е за балетски уметници од 16 до 20 години од Северна Македонија, со цел да се поддржи нивната професионална кариера.
Наградата е иницирана од балерината со француско-македонско потекло Роксан Стојанов која живее и работи во Париз и е носителка на престижното признание „Ѕвезда на Париската опера“. Минатата година таа гостуваше на „Танц фест“ во Скопје кога е и родена идејата за оваа награда со која таа сака да им помогне на млади македонски уметници. Роксан го почнала образованието во Скопје и продолжила да ја усовршува кароерата во Франција, освојувајќи ја светската сцена.
На прес-конференција во Францускиот институт-Скопје денеска беше соопштено дека наградата се состои од седумдневен престој во Париз каде што добитникот ќе ја посети Операта и други институции од уметноста во француската престолнина и ќе биде под директно менторство на Роксан Стојанов.
Со видеопорака таа ги покани младите македонски балетски уметници да се пријават на конкурсот, охрабрувајќи ги со својот личен пример и нагласувајќи дека оваа награда е нејзин начин да ѝ се заблагодари на земјата каде што ги направила првите чекори во танцот.
-Сакам да им дадам вистинска можност на младите балерини и балетани, да веруваат во себе, да ги следат своите соништа и да откријат колку далеку може да ги одведе страста. Танцот бара многу, но е и уметност на споделување. На мојот пат имав среќа што многумина ме поддржаа и ме инспирираа. Сега и јас сакам да пренесам нешто од тоа, да отворам врати и да бидам поддршка за новата генерација таленти, истакна Роксан Стојанов.
Критериумите за наградата ги утврдил почесен одбор со претставници од национални институции за балет и изведбени уметности во земјава, а за изборот на кандидатот што ќе ја добие наградата ќе одлучува стручно жири. Наскоро ќе биде објавен повикот за наградата кој ќе биде отворен до крајот на декември. Во јануари ќе биде организиран натпревар на кој кандидатите ќе се претстават со одредени програми врз основа на што ќе биде направена селекција на финалисти. На 18 април 2026 на гала натпревар на финалистите во МНТ ќе биде избран и прогласен победникот.

Амбасадарот на Франција Кристоф Ле Риголер на прес-конференцијата истакна дека искрено се надева наградата „да прерасне во француско-македонска награда која ќе трае и ќе биде посветена на танцот“, а за Роксан Стојанов кажа дека има квалитети за да го пренесе своето знаење.
-Поаѓајќи од нејзиниот пат, сакавме на македонски млади уметници да им помогнеме и тие да се воздигнат во својата кариера и да им се покажат нови патишта. Бидејќи земјата има потенцијал од многу добри млади луѓе, одлучивме да го реализираме конкурсот по кој жирито ќе го прогласи лауреатот што ќе патува во Франција и ќе биде придружуван од Роксан Стојанов. Токму тоа е и идејата на оваа награда – да се вреднува македонски танчар или танчарка за да им се помогне во нивната професионална кариера, истакна амбасадорот Ле Риголер кој е почесен член во одборот за наградата и ќе членува во интернационално жири.
Проектот за востановување на наградата го претстави Рисима Рисимкин, основачка на „Танц фест“ и на Катедрата за современ танц и балетска педагогија на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
-Ова е исклучителна можност за младите балетски уметници кај нас бидејќи првпат во историјата ним ќе им отвори вратата во школата на Париската опера. Наградениот ќе може да го види овој бедем на париската уметност, во дружба со Роксан Стојанов, која е „Ѕвезда на Париската опера“ – највисока титула што може една балерина да ја добие на светско ниво. Сугирна сум дека во наредните десет години ќе го покори светот со танцувањето, рече Рисимкин, уметнички директор на наградата.
Појасни дека наградата е именувана национална затоа што ќе се доделува само на македонски танчари. Во организирањето на конкурсот не е вклучено Министерството за култура или друга државна институција, но, како што додаде амбасадорот Ле Риголер – со големо задоволство е добредојдена Владата ако сака да ја поддржи оваа иницијатива
ноември 6, 2025

