Connect with us

Технологија

„Субару“ пријави проблем со над 541.000 возила, поради грешка околу видно поставена налепница

Јапонски автопроизводител „Субару“ пријави безбедносен проблем на повеќе од 541.000 свои теренски возила во САД поради погрешно печатени фабрички налепници. Иако станува збор за безбедносно барање за повлекување, проблемот не е механички по природа, а решението е толку едноставно што повеќето сопственици ќе можат сами да го применат.

Проблемот лежи во сертификациската налепница, што според федералните прописи мора да биде на возилото, а во случајов неточно е наведено максималното дозволено оптоварување на оската (ГАВР). Така, наместо да повлече стотици илјади возила, „Субару“ по пошта ќе им испрати коригирана налепница за сертификација на сопствениците. Таа, исто така, ќе доаѓа со упатства за тоа како лесно да ја залепат врз постојната, неисправна налепница. Сопствениците кои не сакаат сами да го сторат тоа, ќе можат да контактираат овластен сервисен центар, каде што налепницата ќе им биде заменета бесплатно. 

Барањето за преправки ги засега моделите „Асент“ произведени меѓу 2019. и 2026 година, „Форстер“ и „Форстер хибрид“ од 2025. и 2026., како и „Крострек хибрид“ од 2026 година. Вкупно се вклучени 541.237 возила.

„Субару“ соопшти дека засега нема известувања за судири, повреди или барања за гаранција поврзани со оваа грешка.

Проблемот го посочи Националната администрација за безбедност на сообраќајот на автопатиштата на САД. Во документацијата, се наведува дека агенцијата изразила загриженост за наведените вредности во мај оваа година, а компанијата потоа спроведе внатрешен преглед на пресметката на ГАВР за сите свои возила произведени од 2003 година. По завршувањето на анализата, донесена е одлука за преправки. Ова е веројатно едно од наједноставните решенија за пропишаното повлекување, се вели, „но има совршена смисла со оглед на тоа што проблемот е исклучиво во налепницата“, а не во самиот автомобил.

„Субару“ не ја откри разликата меѓу неточните и точните вредности на капацитетот на товарење, па затоа не е можно да се заклучи од достапните документи дали станува збор за мало или значајно отстапување.

Ad
Ad