Connect with us

Технологија

„Range Rover“ сподели новости околу луксузниот електро-теренец „Рејнџ ровер спорт“

Британскиот автопроизводител „Ленд ровер“ ја претстави електричната верзија на „Рејнџ ровер спорт“ на Фестивалот на брзината во Гудвуд. Новиот модел ќе им се придружи на постојните шестцилиндрични, „В-8“ и „плаг-ин“ хибридни погони. Производителот со ова, навестува дека го задржува истиот опсег на погонски склопови како и претходно, но ветува дека електричниот СУВ-теренец ќе биде „подинамичен и побрз од кога било“, без да се компромитираат можностите за теренско возење. Целосните спецификации ќе бидат објавени подоцна оваа година, веројатно како дел од редизајнирањето на целата линија.

Извршниот директор на „Рејнџ ровер“, Мартин Лимперт изјави дека електричната варијанта ќе „ги предефинира високо-перформансните СУВ-возила“ кога ќе се појави на пазарот подоцна оваа година.

За време на претставувањето во Гудвуд, компанијата ги подложи прототиповите на серија тестови: Еден беше извлечен од товарниот простор на авион, друг беше возен по скали, па тестиран на тркачка патека. Целта беше да се покаже дека, „исто како моделите со мотори со внатрешно согорување“, и електромобилот лесно може да се справи со тешки задачи.

„Теренецот интегрира напредни технологии што ослободуваат поголема моќност и вртежен момент. Ефектот е подобрен со напредни поставки на шасијата и звучен систем, што заедно создаваат чувство на возење кое е уникатно и инстинктивно на секаков терен“, соопштува „Ленд ровер“.

Прототипите прикажани на Гудвуд ја имаа каросеријата на тековниот модел, којшто е во продажба од 2022 година. Тие се одликуваат со нови алуминиумски бандажи и специфични светла што ја осветлуваат земјата. Се очекува производствената верзија да изгледа различно кога ќе стигне до купувачите. Неодамна, камуфлирани прототипови на освежениот „Рејнџ ровер спорт“ беа снимени на патеката Нирбургринг. Фотографиите откриваат модифицирани браници, редизајнирани ЛЕД-светла и други мали промени.

Се очекува редизајнот да донесе технолошки подобрувања и во кабината.

Производителот не ја откри моќноста на електричниот погон, но се претпоставува дека ќе биде слична на погонската единица од 405 киловати (550 коњски сили) што се наоѓа во електричниот „Рејнџ ровер“. Целосните спецификации ќе бидат објавени подоцна годинава.  

Ad
Ad