Connect with us

Свет

Рубио започна кампања против Меѓународниот кривичен суд

Американскиот државен секретар Марко Рубио започна кампања насочена кон ослабување и евентуално распуштање на Меѓународниот кривичен суд (МКС), тврдејќи дека Хашкиот трибунал се меша во активностите на американската војска и агенциите за спроведување на законот и со тоа го загрозува суверенитетот на САД.

Во колумна објавена во „Волстрит џурнал“, Рубио предупреди дека американските функционери, членовите на безбедносните служби и политичките лидери би можеле да се соочат со кривично гонење пред меѓународни судии за одлуки донесени во одбраната на земјата, објави денеска „Гардијан“.

Според Си-ен-ен, Стејт департментот разгледува зголемен притисок врз земјите што ја поддржуваат работата на МКС, вклучително и можноста за санкции, забрани за патување и откажување на визи за земјите што, според ставот на Вашингтон, не го отфрлаат она што администрацијата го нарекува „нелегитимен авторитет“ на судот.

Меѓутоа, неколку експерти по меѓународно право ги оспорија тврдењата на Рубио, наведувајќи дека МКС нема надлежност за злосторства извршени на американска територија, бидејќи Вашингтон не го ратификувал Римскиот статут, основачкиот документ на судот.

Поранешниот извршен директор на Хјуман рајтс воч, Кенет Рот, процени дека Рубио погрешно ги претставува овластувањата на трибуналот и го игнорира правото на земјите-членки да бараат истраги за злосторства извршени на нивна територија.

МКС, со седиште во Хаг, е одговорен за гонење на најсериозните меѓународни злосторства, вклучувајќи воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, кога се извршени на територијата на држави кои пристапиле кон Римскиот статут или кога таквите случаи се упатуваат од Советот за безбедност на Обединетите нации.

„Гардијан“ пишува дека прашањето за односот на Вашингтон со МКС повторно се најде во фокусот откако судот започна истраги за можни воени злосторства во Палестина и издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп претходно воведе санкции врз главниот обвинител на МКС, Карим Кан, неговите заменици и одредени судии поради истраги поврзани со Израел и активностите на американските сили во Авганистан.

Во текот на 2025 година, санкциите беа проширени на одредени претставници на Обединетите нации и палестински организации за човекови права кои учествуваа во собирањето докази за наводни воени злосторства.

Засега не е јасно како најавената кампања од Вашингтон би можела да влијае на идната работа на МКС, но правните експерти предупредуваат дека дополнителните притисоци врз трибуналот би можеле да ги ослабнат меѓународните механизми за гонење на воени злосторства и други сериозни кршења на меѓународното право.

Ad
Ad