Свет
Трамп: Русија и Украина ќе постигнат договор, се надевам на брза средба меѓу Путин и Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Русија и Украина ќе постигнат договор за ставање крај на војната, наведувајќи дека тој договор „веќе долго време се разработува“, дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е „многу ефикасен“ и „врши неверојатна работа“, како и дека се надева оти наскоро ќе дојде до средба меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.
– Путин ќе се сретне со Зеленски и нешто ќе произлезе од тоа. Нешто позитивно, се надевам дека тоа ќе се случи наскоро – им рече Трамп на новинарите на маргините на самитот на НАТО заедно со Зеленски.
Тој оцени и дека Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин се „тешки карактери“, но и истакна дека и двајцата сакаат да ја завршат војната.
Зборувајќи за украинските напади длабоко во руската територија, Трамп рече дека станува збор за ескалација која „може да помогне да заврши војната“. Според него, Зеленски сигурно сака да се врати на обнова на земјата, наместо на „смрт и разурнување“.
– А Русија е голема земја и голема сила – рече Трамп, оценувајќи дека во последните неколку недели е постигнат голем напредок кон мирот. Тој наведе дека Украина има огромен потенцијал во ретки земјени метали, како и дека САД „имаат свој влог“ во тоа.
Трамп изјави дека тој и Зеленски имале „добар состанок“, како и дека развиле добар однос.
– Тешко е да се поверува, зарем не? Од Овалната соба па до сега, развивме многу добар однос – рече Трамп, на што Зеленски додаде дека „тука не е крајот“, а Трамп одговори дека тоа е „само почеток“.
Трамп навести дека Европа и Украина би можеле да добијат лиценци за производство на американските ракетни системи „Патриот“.
На новинарско прашање дали е подготвен да воведе нови санкции против Русија, Трамп рече дека постои голем притисок врз Путин.
– Не мислам дека му се допаѓа ова што се случува – оцени Трамп.
Тој изјави дека би „сакал“ да ѝ понуди безбедносни гаранции на Украина, но и оцени дека зазел „поцврст став кон Русија отколку што би требало“. Според него, Зеленски има голема поддршка од земјите членки на НАТО.
Тој исто така додаде дека Русија многу ги почитува САД.
– Ќе работиме на некаков вид безбедносен договор. Ако можеме да направиме вистински договор, ќе ѝ помогнеме на Европа и ќе работиме на некаков вид безбедносен пакет – рече Трамп.
На прашањето дали е подготвен да замине во Украина, Трамп одговори потврдно, но додаде „подобро кога ќе заврши војната“. Тој истакна дека Украина е многу стручна на полето на дроновите, додавајќи дека САД би биле подготвени да набават украински беспилотни летала.
– Би ги купиле нивните дронови. Ние произведуваме дронови, правиме одлични дронови, но тие имаат способност да направат многу, што е неверојатно – да ги прават во подруми во воена ситуација – заклучи Трамп.
јули 9, 2026

