Општини
На сеноќното бдение по повод втората манстирска слава, во Бигорски и цивилниот управник на Света Гора, Алкивијадис Стефанис
Со масовно приуство на верници од сите делови на државава и гости од повеќе цркви, Бигорски манастир ја одбележува втора манастирска слава, сечесниот празник на раѓањето на својот патрон и небесен застапник, светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован – Иванден.
На сеноќното бдение присуствуваше и Неговото превосходство, цивилниот управник на Света Гора, Алкивијадис Стефанис.
Неговото преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Бигорската свештена обител искажа голема благодарност.
-Вашето доаѓање, заедно со нашиот драг брат во Христа, ценетиот светогорски старец Антипа, ние го доживуваме навистина како едно големо и благословено знамение. Во него препознаваме еден мост на љубов, почит и духовно сродство меѓу Бигорскиот манастир и Светата Гора Атонска, меѓу гората на Претечата и Богородичната градина, меѓу нашата смирена обител, сместена во овие планински пазуви, и онаа света земја што со векови е срце на православното монаштво, училиште на покајанието, работилница на молитвата и на светоста, и тивко светилиште на вселенското Православие, рече меѓу другото во своето обраќање г. Партениј.
Во своето возвратно обраќање г. Алкивијадис Стефанис, заблагодарувакќи му се на владиката, рече дека го восхитила достоинственоста, верата и благоговението на верните.
– И второто, со радост видов овде деца од Атонијадата, кои дојдоа и разговараа со мене. Ние на Света Гора сме многу горди на децата од Атонијадата кои се одовде, и им честитаме на родителите за прекрасните созданија што ги донеле на свет. Исто така се радувам, бидејќи гледам овде многу монаси, почитувани монаси од Света Гора. Сакам да го кажам следново: кога сум на Света Гора, ме прашуваат кој ми е омилен манастир, а јас одговарам дека сите дваесет манастири ми се омилени. Отсега ќе велам дека дваесет и еден манастир ми се омилени, додавајќи ја и оваа света Обител овде, рече меѓу другото Стефанис.
На бдеието, како што велат од Бигорскиот манастир, присуствуваа и членовите на хорот „Нектариј Протопсалт“ од Букурешт, заедно со својот духовен водач, отец Јован, што претставува уште едно сведоштво дека источното православно пеење ги надминува границите и јазиците, и дека во заедничкото славословие сите ние стануваме еден хор пред лицето Божјо.
јули 8, 2026

