Connect with us

Свет

Обилните дождови и бури во Кина однесоа десетици жртви, стотици повредени и илјадници евакуирани

Обилните дождови и силни бури однесоа над десет жртви во неколку делови од Кина, објавија денеска државните медиуми, додека властите предупредија за понатамошни екстремни временски услови, јавува ДПА.

Во централната покраина Хубеи, бурите однесоа 11 жртви, а едно лице е исчезнато, додека најмалку 275 други се повредени откако силни ветрови во текот на ноќта го зафатија регионот. Стотици жители беа евакуирани.

Во градот Хуангганг, исто така во покраината Хубеи, во тек се операции за спасување и чистење откако торнадо го погоди подрачјето, објави Ксинхуа.

Во северозападната покраина Гансу, најмалку пет лица загинаа во лизгање на земјиштето, а уште 12 се водат како исчезнати. Спасувачките операции продолжуваат, соопшти државната новинска.

Претседателот Шји Џинпинг им нареди на властите да ги мобилизираат сите расположиви ресурси за спасувачки напори и медицински третман на повредените.

Најновите бури се случија само еден ден по пукањето на брана на вештачко езеро во јужна Кина, по што следеше највисоко предупредување за поплави во земјата. Според официјалните бројки, четири лица загинаа, осум се водат како исчезнати, а десетици илјади се евакуирани.

Во Гуангси, јужна Кина, остатоците од тропска бура донесоа обилни дождови во некои области, а видеата споделени на социјалните мрежи покажуваат ненадејни поплави.

Кинеските метеоролошки власти денеска издадоа дополнителни предупредувања за обилни дождови за неколку провинции. Истовремено, метеоролозите предупредија дека супертајфунот Бави, со ветрови од повеќе од 200 километри на час, се движи кон југоисточна Кина.

Се предвидува дека бурата во сабота ќе стигне до Тајван пред да стигне до кинеското копно подоцна истиот ден, пренесува ДПА.

Кина редовно доживува силни поплави за време на летната сезона на дождови, а метеоролозите предупредуваат дека годинашниот временски модел Ел Нињо може да го зголеми ризикот од екстремни временски услови.

Ad
Ad