Забава
Принцот Хари сам во посета на Велика Британија поради недоволна полициска заштита
Британскиот принц Хари вчера пристигна во повеќедневна посета на својата татковина без својата сопруга и двете деца, на кои не им беше одобрена полициска заштита за време на престојот во земјата. Според извори блиски до принцот, одлуката е донесена откако надлежните безбедносни органи не го одобриле побараното ниво на полициска заштита. Британскиот принц во 2020 година се откажа од кралските должности, и оттогаш повеќе нема право на државна безбедносна заштита во Обединетото Кралство.
За време на престојот во Велика Британија, Хари ќе учествува на повеќе хуманитарни настани и на подготовките за Инвиктус гејмс, меѓународно спортско натпреварување за ранети и повредени воени ветерани чиј основач и покровител е тој. За време на посетата тој ќе оствари средба и со организациите што ќе учествуваат во подготовките на идните изданија на Инвиктус гејмс.
Според достапните информации, одлуката принцот да биде сместен во една од кралските резиденции, набргу била повлечена. Британските институции наведуваат дека нивото на заштита се определува согласно стандардните процедури и процената на безбедносната закана.
Од кралската палата не се огласија по ваквата одлука.
јули 8, 2026


