Забава
Последниот вселенски брод на НАСА, „Ендевор“ во надградена поставка во Научниот центар на Калифорнија
Американскиот Научен центар на Калифорнија (California Science Center) во Лос Анџелес објави дека последниот вселенски брод на НАСА, „Ендевор“ (Endeavour) ќе биде изложен во надградена поставка во Воздухопловно-вселенскиот центар „Семјуел Ошин“, почнувајќи од 13 ноември оваа година.
Новиот дел од научниот музеј, со површина од 18.600 квадратни метри, ќе биде дом на култниот шатл, заедно со колекција од 100 експонати, вклучувајќи избор на ретки и историски значајни артефакти од воздухопловството и вселената. „Ендевор“ технички е изложен во хоризонтална положба во Научниот центар од 2012 година, но нов поставка ќе го прикаже леталото во позиција на лансирање, сосе неговите ракетни погони и надворешниот резервоар за гориво.
Покрај тоа што ќе имаат можност да го видат шатлот во полна спрема, посетителите ќе можат да се качат со лифт до сервисната кула висока 140 метри, искусувајќи донекаде низ што минуваат астронаутите непосредно пред качувањето и лансирањето.
НАСА првично го изгради „Ендевор“ како замена по катастрофата со „Челинџер“ во 1986 година. Почнувајќи од 1992., „Ендевор“ се користеше во бројни мисии, вклучувајќи поправка и распоредување сателити, сервисирање на вселенскиот телескоп „Хабл“ и пренос на астронаути до Меѓународната вселенска станица (МВС). Вселенскиот брод официјално беше повлечен во 2011 година, а НАСА во 2012. го објави трајното негово изложување во Лос Анџелес.
Истата година, леталото тешко најмалку 78 тони беше бавно пренесено по копно од Меѓународниот аеродром во Лос Анџелес до Научниот центар (безмалку 20 км), каде што остана до денес.
јули 6, 2026


