Connect with us

Архива

Илјадници луѓе бегаат од пожарите што беснеат на југот на Европа

Шумски пожари денеска беснеат низ јужна Европа, принудувајќи илјадници луѓе да се евакуираат од нивните домови и поттикнувајќи ги властите да им забранат на гледачите пристап до етапата на познатата велосипедска трка „Тур де Франс“.

Стотици пожарникари се борат со пожарите кои уништија повеќе од 19.000 хектари земја ширум Португалија, Шпанија, Франција и Грција. Температурите повторно растат, а се предвидува дека ќе достигнат 40 степени Целзиусови во делови од Европа која сè уште страда од последиците на рекордниот топлотен бран.

Во југозападна Франција, во близина на градот Перпињан, 700 пожарникари со поддршка на специјални авиони се бореа да стават под контрола огромен пожар кој се ширеше во тешко пристапно подрачје, при што беа евакуирани повеќе од 10.000 жители. Разгоруван од ветерот, интензивната жештина и исклучително сувиот воздух, пожарот речиси трипати се зголемил од неделата наутро, и досега изгорел 4.600 хектари.

Пожарите избувнаа брзо по топлотниот бран во јуни, еден од најлошите во Европа, за време на кој беа забележани илјадници смртни случаи и кој би бил „речиси невозможен“ без климатските промени, според група научници од организацијата World Weather Attribution. Со оглед на тоа што живата во термометрите во наредните денови повторно ќе се покачи, властите изразија загриженост дека годишната летна сезона на шумски пожари почнала еден месец порано.

– Сезоната ќе биде долга, мора да ни помогнете – изјави полковникот на француската противпожарна служба, Ерик Белџоино, апелирајќи до луѓето во близина на пожарот во Пиринеите да преземат мерки на претпазливост.

Во Франција, локалните власти соопштија дека третата етапа од велосипедската трка „Тур де Франс“ низ Пиринеите денеска ќе се одржи без гледачи. Етапата, на која велосипедистите денеска ќе возат од Шпанија во Франција, „ќе биде ограничена само на поминување на возачите и на возилата клучни за организација на трката“.

– Јавноста се замолува да не се приближува до рутата или до целното подрачје – изјави регионалниот функционер Пјер Рењо де ла Мот.

Во текот на викендот во пламен исчезнаа две фабрики во грчкиот град Солун, принудувајќи ги властите да го евакуираат околното подрачје, а домаќинствата да ги држат прозорците затворени.

Во Шпанија, пожар во близина на североисточниот брег Коста Брава уништи повеќе од 2.200 хектари за два дена, а пожарникарите изјавија дека нивните напори ќе бидат комплицирани од порастот на температурите и многуте чадливи жаришта во близина на пожарот.

На други места, големи пожари уништија стотици хектари шуми, лозја и грмушки на хрватскиот остров Хвар и во Тале во Албанија.

Регионите ширум Португалија, Шпанија и јужна Франција ги засилија предупредувањата за високи температури за наредните денови. Се очекува денеска најновиот топлотен бран да се помести на север, а синоптичарите велат дека би можел да трае до следниот викенд.

Ad
Ad