Свет
Американски острови во Пацификот со клучни воени бази на удар на супертајфунот Бави
Пацифичките острови кои им припаѓаат на Соединетите Американски Држави и на кои се наоѓаат клучни американски воени бази се под удар на супертајфунот Бави, пренесоа денеска американските медиуми.
Супертајфунот Бави се смета за еден од најсилните супертајфуни што годинава се формирале на Земјата, пренесе Си-Ен-Ен.
Центарот на тајфунот, кој е еквивалент на ураган од категорија 5, помина над Рота, остров со 2.000 жители во Северниот Маријански Архипелаг, со максимални удари на ветерот од над 290 километри на час, соопшти Националната метеоролошка служба на САД.
Моќните ветрови се способни да предизвикаат катастрофални штети на објектите, да соборуваат дрвја и електрични водови, како и да предизвикаат долготрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Се очекуваат и тропски врнежи кои ќе доведат до ненадејни поплави, со континуирани појаси на силен дожд кои ќе продолжат и откако ќе помине центарот на бурата.
Исто така, се очекуваат и крајбрежни поплави опасни по животот на луѓето, бидејќи силните ветрови од морето ги потиснуваат олујните бранови кон брегот, правејќи ги условите на морето исклучително опасни.
јули 6, 2026


