Свет
Илјадници демонстранти во Ерфурт пред годишната конференција на АфД
Илјадници противници на крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) денеска излегоа на улиците на Ерфурт, блокирајќи ги улиците што водат до местото на одржување на нејзината годишна конвенција.
Демонстранти од синдикати, организации на граѓанското општество и левичарски партии се собраа на улиците на источногерманскиот град. Заради безбедноста, голем број полицајци од целата земја пристигнаа во Ерфурт пред и за време на дводневната конференција на АфД.
Демонстрантите ги блокираа автопатите и улиците што водат до конгресниот центар каде што се одржува митингот. Според полициските проценки, на протестот му се приклучија околу 15 илјади луѓе.
„Сакаме јасно да ставиме до знаење дека едноставно нема да го толерираме фактот дека фашизмот е во пораст во Германија“, рече Георг Бекер, портпарол на анти-AфД организацијата „Отпор“ (Widersetzen).
Конвенцијата, каде што се очекува копретседателките Алис Вајдел и Тина Хрупале да бидат реизбрани, се одржува пред изборите во септември во источните федерални покраини Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија. Алтернатива се надева дека тоа ќе им го отвори патот за успех на национално ниво. Следните парламентарни избори во Германија ќе се одржат најдоцна до март 2029 година.
АфД, партија основана пред повеќе од една деценија, моментално убедливо води пред владејачките христијански демократи на канцеларот Фридрих Мерц, со 29 проценти наспроти 22 проценти на ЦДУ. Порано оваа година, партијата постигна силен раст на регионалните избори во западна Германија.
Алтернативата користи мешавина од националистичка реторика, повици за построги имиграциски политики и пораки за гласачите фрустрирани од претходните влади и годините економска стагнација, пишуваат британските медиуми.
Противниците на партијата АФД ја обвинуваат за расистички политики и ставови некомпатибилни со германските демократски вредности, тврдејќи дека нејзиното владеење би го загрозило уставниот поредок на земјата. Другите големи политички партии ја отфрлија секоја можност за соработка.
Лидерите на AфД ги отфрлаат обвинувањата дека се во спротивност со демократските темели на Германија. Порано оваа година, тие добија судска забрана со која им се наредува на домашните разузнавачки служби да ја суспендираат претходната класификација на партијата како „екстремистичка“
јули 5, 2026


